Не помина спорниот ДУП во Карпош, Јакимовски ја прекинал седницата

од Nikola Popovski

Падна ДУП-от во општина Карпош за делот во потегот на булеварот „Теодосиј Гологанов“ од игралиштето и плоштадот до „Реплек“. Ова го објавија дел од советниците од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на општината.

Како што информираат, со 0 гласа „ЗА“, 17 гласа „ПРОТИВ“ и 0 гласа воздржани, Советот на општина Карпош не го изгласал ДУП-от за Градска четврт Ј03, блок 02.

Од Левица Карпош, чиј член е претседавач со Советот, истакнаа дека денешната триесетта седница се одржала во тензична атмосфера.

-Уште на самиот почеток беше прекината од страна на градоначалникот, кој ги повлече точките од дневен ред. По ова, претседателот на Советот, Бранко Ристов, користејќи ги ингеренциите и можностите согласно Законот за Локална самоуправа, Статутот и Деловникот на Општина Карпош, ја продолжи седницата на советот. По исцрпната дискусија за деталниот урбанистички план Ј03 Блок 02, истиот беше ставен на гласање. Советниците на Левица, како што најавија и претходно, не го поддржа овој урбанистички план, гласаа против и истиот не беше изгласан. Она што по кој знае кој пат остави впечаток, е политиката на ДПМНЕ која водејќи се од познатите мицковистички методи и воспоставени пракси на водење несериозна политика, уште еднаш се обидоа да направат циркус, порачуваат од огранокот на Левица.

Претходно градоначалникот Стевче Јакимовски во обраќање во живо до граѓаните ги презентираше новините и измените во новиот ДУП за ЈО3 блок 2 со што, како што вели, ги разобличи сите лаги кои претходните денови беа презентирани во јавноста од страна на одредени политички партии.

– Чиста лага е дека ќе се градат пет згради на тоа место. Такво нешто не постои во планот. Не можам да се начудам до каде одат лагите и манипулациите на некои граѓани, рече градоначалникот. Чиста лага е и дека нас ни текнало да нацртаме „аутострада“ со која ќе ги уништиме парковите, зеленилото, детски игралишта. Замислете, тие ме обвинуваат дека сакам да ги срушам фонтаната, игралиштето, клупите, зеленилото кои јас сум ги направил. Немојте да ги слушате тие што сакаат да ве лажат, порача Јакимовски.

Во писмо-петиција, потпишано од жители на Карпош, за денеска се најавуваше протест пред зградата на Универзитетот за туризам и менаџмент, каде што треба да се одржи седницата на Советот на општината. Според нив, со планот ќе се уништи целиот комплекс спроти студентскиот дом „Гоце Делчев“ – паркот со фонтаната и игралиштето за деца.

Слични содржини