Не земав допинг, ќе се жалам, вели Погба

од Vladimir Zorba

Фудбалерот на Јувентус, Пол Погба е санкциониран поради позитивен допинг тест со четиригодишна суспензија, дознава италијанска „Република“.

Во септември беше објавено дека Погба бил позитивен на тестостерон по натпреварот од првото коло во италијанското првенство меѓу Јувентус и Удинезе на 20 август.

Играчот од средниот ред не настапи на тој натпревар, а „дијагнозата“ на спорниот примерок беше потврдена по дополнителните тестови.

Поради тоа, антидопинг обвинителите во Италија побараа максимална четиригодишна суспензија за Погба. Французинот реши да не се спогоди со Антидопинг агенцијата на Италија, поради што случајот заврши на суд.

Четиригодишните суспензии се стандардни според правилата на Светската антидопинг агенција. Тие можат да се намалат во случаи кога спортистот може да докаже дека допингот бил ненамерен, ако позитивниот тест бил контаминиран или ако им пружи значителна помош на истражителите.

„Денеска бев информиран дека италијанската антидопинг агенција донела одлука и верувам дека е погрешна. Тажен сум, шокиран и со скршено срце што ми е одземено се што изградив во текот на кариерата. Сè ќе дознаете кога ќе се исполнат законските норми и имам можност да зборувам за се“, рече 30-годишниот и додаде:

„Никогаш свесно или намерно не сум земал додатоци кои ги прекршуваат антидопинг правилата. Како професионален спортист никогаш не би ги подобрил моите настапи на тој начин. Тоа би било непочитување и мамење на моите соиграчи и навивачите на секој тим за кој настапував. Затоа ќе се жалам до Судот за спортска арбитража“.

Во текот на кариерата, освен за Јувентус, Погба настапуваше и за Манчестер Јунајтед. Овој 30-годишник забележа 91 настап за француската репрезентација, а со триколорите стана светски шампион.

Слични содржини