На македонската политичка сцена, во изминативе триесет и пет години на повеќепартиска демократија, сме гледале многу политички сончогледи, особено од т.н помали политички партии, кои настанувале со отцепување од големите мејнстрим партии во левицата (СДСМ) и десницата (ВМРО-ДПМНЕ), и скоро готово и да не постоеше некое автентично движење, особено политичка партија која беше формирана надвор од воспоставениот партиско-политички дуопол на овие две доминантни и најголеми партии кај нас. Дури и формирањето на Демократска Алтернатива на Васил Тупурковски од денешен ракурс на историската дистанца е дискутабилно дали беше и произлезе од порив за трета опција на македонската политичка сцена или таа партија беше понтонски мост за престројување на македонската олигархија во ВМРО-ДПМНЕ, која таа 1998- ма година прв пат дојде на власт во државата. Па така, имавме партии формирани од Лилјана Поповска, Павле Трајанов, и ред други кои се отцепија од своите матични партии и после тоа по старото добро АмдиБајрамово правило “кој е на власт-јас сум со него”, паразитираа(т) успешно во власта на политичката сцена. Но мислам дека нема, нема, ниту ќе постои подолен политички субјект од т.н Движење ЗНАМ, формирано од поранешниот висок социјалдемократски функционер, денес актуелен градоначалник на најголемата македонска Општина во Македонија.
Поголеми католици од Папата
Во оваа партија, за жал се набутаа, веројатно најклиентилистичките, најперфидните и најматеријалистичките кадри од “времето на господинот Бранко”, кои времето во нивната матична партија со доаѓањето на двоецот Заев/Шекеринска ги прегази и ги фрли на маргините во политичкиот живот во Македонија. Па така како одминува годините, кај ним, злобата, пакоста и фрустрациите се зголемуваа и со чест на исклучоци, политичкиот шлајм и талог од СДСМ, најде плодна почва повторно да вирее и да се појави на површина со формирањето на оваа партија. Со освоени шест пратеници, на минатогодишните парламентарни избори, тие веднаш поитаа да влезат во власта со десно-конзервативнината ВМРО-ДПМНЕ и да глумат поголеми националисти и шовинисти во однос” на Албанците и Бугарите”, и од самата десница кај нас. Затоа се смешни, како од либерално-демократски социјалдемократи во минатото, станаа РистоНиковци во својот одвратен популизам. Всушност се очајни паразити, кои го гледаат единствено и само својот личен и семеен интерес. Почнувајќи од претседателот на партијата, до генералниот секретар, завршувајќи со потпретседателката од Битола, која беше во буквална и преносна смисла на зборот расчепатена по налог на ВМРО-ДПМНЕ во македонскиот парламент на таканаречениот “Црн понеделник”, на 24 декември во далечната 2012-та година, за денес да биде горда и своја патриотка со оваа партија во коалиција која ја понижи пред целата македонска јавност и како жена и како човечко битие. Кое очигледно во себе го нема.
Центар е доказ дека се пуштени низ вода
Всушност, кандидатурата во Општина Центар од страна на прокси кандидат на ВМРО – ДПМНЕ преку кандидатот од редовите на ЗНАМ, ми дава до знаење и до право да мислам, дека главната владејачка политичка партија кај нас, се има помирено со фаворитската улога и се поизвесна победа на Горан Герасимовски во оваа скопска општина. Односно, штом ВМРО-ДПМНЕ не кандидирала свој кандидат за Центар, веројатно и не верувале дека туку – така ќе победат, како низ цела Македонија, како што веруваат. Второ маргинализацијата на оваа партија ќе дојде веднаш после локалните избори, каде што на советничките листи ќе доживее дебакл и ќе освои многу помалку гласови од минатогодишните парламентарни, односно ЗНАМ од “респектабилен” партнер во власта во ВМРО-ДПМНЕ ќе заврши како маргинален и небитен коалициски партнер, кој најверојатно ќе исчезне, можеби не целосно, но ќе се стопи до непрепознатливост како што ќе одминуваат годините и изборите во иднина. Нешто слично како партијата НСДП на Тито Петковски, која започна по буквално ист рецепт како ЗНАМ, со шест пратеници и власт со ВМРО-ДПМНЕ и двајца министри во кабинетот на Груевски, за да заврши како најнебитен фактор на политичката сцена со претседател кој обичниот народ и граѓани, воопшто и не го знае како се вика.
Сето ова, како преповторено сценарио е инструирано, исценирано и реализирано со помош,, на службите и длабоката држава кај нас”, со голема улога на грдото лице на македонската политичка сцена, наркомански зависното од влас, моќ и контрола, кое во три наврати беше премиер и еднаш претседател во оваа жална, јадна и инситуционално пропадната и распадната држава без никаква перспектива во догледна иднина.
Благојче Атанасоски
Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.