Невакцинираните претседатели вечераат на улица за време на Генералното собрание на ОН: Болсонаро јадеше пица надвор

од Vladimir Zorba

Невакцинираните шефови на држави кои присуствуваат на Генералното собрание на Обединетите нации оваа недела, најверојатно, ќе мора да се задоволат со парче пица на улица, наместо богата вечера во рестораните во Њујорк. Токму вака бразилскиот претседател Жаир Болсонаро вечераше во Њујорк првата ноќ, бидејќи таму, според важечките мерки поради пандемијата, никој не смее да влезе во градските ресторани без доказ за вакцинација против Ковид-19, пренесе Ројтерс.

Двајца министри од неговиот кабинет, кои се дел од бразилската делегација, објавија фотографија во неделата вечерта на која Болсонаро јаде парчиња пица со своите помошници на шеталиште во Њујорк.

Поддржувачите на Болсонаро го пофалија овој потег како „едноставност“ на нивниот водач, кој одлучи да вечера на улица во близина на хотелот во Менхетен каде што престојува.

Бразилскиот популистички лидер, кој се пофали дека не бил вакциниран пред да замине за Њујорк, рече дека неговиот имунолошки систем е доволно силен да се одбрани од коронавирусот.

На прашањето на британскиот премиер Борис Џонсон на состанокот во понеделникот дали е вакциниран, Болсонаро одговори: „Не, се уште не“.

Градоначалникот на Њујорк, Бил де Бласио, апелираше до светските лидери да се вакцинираат пред да учествуваат во дебатата на Генералното собрание на ОН.

Кабинетот на градоначалникот претходно објави дека сите учесници во дебатата ќе мора да имаат доказ за вакцинација за да влезат во дебатната сала, која е класифицирана како конгресен центар.

Бразилската мисија во ОН одби да ги коментира извештаите дека еден од нивните дипломати бил позитивен на тест во Њујорк.

Портпаролот на ОН, Стефан Дижарик, рече дека во тој поглед биле во контакт со бразилската мисија.

Болсонаро ќе биде првиот шеф на држава што ќе зборува денеска на генералната дебата на годишната сесија на Генералното собрание на ОН.

Слични содржини