Николовски, Нуредини и Петровска во посета на Долно Коњари: Нема компромис за оној којшто ќе влијае врз загрозување на животната средина

од Берта Китинска
Заменикот на Претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, заедно со министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини и директорката на Државен Инспекторат за животна средина планирање, Ана Петровска, денеска беа во посета на локацијата во скопско Долно Коњари кадешто се врши ископ на песок и чакал.
Прелиминарните анализи на Управата за хидрометеоролошки работи, покажуваат голема веројатност дека концесијата на правниот субјект ЕУРО ПРОГРЕС ДООЕЛ с.Долно Коњари Петровец, е издадена спротивно на Законот за води, односно дека границите на концесијата се во зоната на плавење на реката Пчиња.
Вицепремиерот Љупчо Николовски посочи дека како координатор на инспекциските служби, детално е запознат со случајот од страна на ресорното министерство и надлежниот инспекторатот, се во постојна комуникација и координација, со цел детално да се истражи случајот и да се постапи согласно законите и правилниците.
„Законите мора да се почитуваат, никој не е над законот, мора да има ред и дисциплина, особено кога се работи за нешто што влијае врз загрозување животната средина и крајно врз безбедноста и здравјето на граѓаните.  Заштитата на животната средина и условите за живот во секој регион од нашата држава е врвен приоритет на Владата. Борбата за заштита на животната средина е заедничка, и нема компромис за секој оној којшто ќе влијае врз загрозување на животната средина и на условите за живот. Нема ништо поважно од граѓаните да имаат достојни и безбедни услови за живот, да живеат во чиста и здрава животна средина”, изјави Николовски.
Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, истакна дека Министерството му дава целосна поддршка на Државниот инспекторат за животна средина и согласно наодите од извршените координирани инспекциски контроли чие комплетирање се очекува, ќе бидат преземени заедно со Владата потребните мерки за разрешување на случајот
„Работиме заедно со Државниот инспекторат за животна средина на начините со кои ќе можеме соодветно да ја провериме и адресираме состојбата со водите на лице место преку инспекторите за животна средина, а соработуваме и со Техничката инспекција, која е надлежно тело за овие концесии. Оваа координирана активност помеѓу Министерствата и Инспекторатите, како и релевантните стручни лица и управи, е добар пример како треба да се работи на сите прашања во земјата, доколку сакаме да се имплементираат потребните еколошки стандарди”, изјави Нуредни.
Директорката на Инспекторатот за животна средина планирање, Петровска, посочи дека за да имаат правна важност, податоците од УХМР ќе треба да се потврдат со дополнителни мерења и вештачења, кои што ќе се реализираат во натамошната инспекциска постапка, но не дека не се очекува да има разлики помеѓу овој прелиминарен наод и натамошните подетални истражувања.
„Утврдена е уште една недоследност при доделувањето на Дозволата за експлоатација во 2019 година. Државниот инспекторат за животна средина ќе продолжи со собирање докази со цел преиспитување на Договорот за концесија, односно Дозволите за експлоатација и ќе го извести Министерството за економија за индициите околу прекршувањето на Законот за води. Ќе се побара и подготовка на нов елаборат за блок Б, со оглед дека постоечкот не е усогласен со важечкиот Правилник.
Додека да се изработи и одобри Елаборатот, ќе се побара од Државната техничка инспекција да наложи прекин на работите на Блокот Б”. За индициите околу прекршувањето на Законот за води ќе го информираме и Министерството за животна средина и просторно планирање”,  изјави Петровска.

Државниот инспекторат за животна средина ќе продолжи со собирање докази, со цел преиспитување на Договорот за концесија, односно дозволите за експлоатација.

Слични содржини