Ниту „Apple“ не можеше да ги спаси

од Симе Стоиков

По 38 години, германскиот продавач на електроника „Gravis“, најпознат како партнер на Apple, ги затвора вратите. Околу 400 работници остануваат без работа.

„По речиси четири децении бизнис, компанијата за продажба на компјутери,„Gravis“, од Берлин е пред затворање. Трговецот на електроника ќе ги затвори сите свои продавници во Германија“, потврди портпаролот на компанијата.

Не се знае кога ќе бидат затворени 37-те експозитури и онлајн продавницата, но извесно е дека тоа ќе биде до крајот на годинава. Како што рече портпаролот на „Gravis“, сите продавници во Германија ќе бидат затворени до 31 декември.

Во последниве години, „Gravis“ не можеше да биде во чекор со брзиот развој на онлајн трговијата и променливите потреби на потрошувачите. Компанијата пред неколку години ја презеде подружницата на Фринет, Мобилком-Дебител, но ниту тоа не му помогна на Гравис во бизнисот.

Напротив, резултатот е пад на продажбата во филијалите и помали маржи, особено во бизнисот со производите на „Apple“.

Во последниот обид да го врати успехот во бизнисот, „Gravis“ неодамна инвестираше многу во маркетингот и во обновувањето на идентитетот на брендот. Новото лого и модернизираното онлајн присуство требаше да привлечат клиенти и да ја поттикнат продажбата без готовина. И покрај тие напори и дискусии за можни партнерства за спас на бизнис моделот, успехот на крајот не се оствари.

„Gravis“ не е првата компанија која не успеа да го издржи растечкиот притисок на онлајн малопродажбата. Пандемијата и забрзаниот тренд на онлајн купување само ги влошија проблемите со кои веќе се мачеа трговците на мало.

Дури и соработката со „Apple“ како официјален давател на премиум услуги очигледно не можеше да го спаси „Gravis“ од затворање продавници.

Слични содржини