Нов рекорд на пливачот Андреј Стојановски

од Vladimir Zorba

Шеснаесет годишниот пливач Андреј Стојановски од пливачкиот клуб “Нептун” постави нов кадетски пливачки рекорд во дисциплината 50 метри грбно.

Стариот рекорд беше на Антониј Симоновски 29.01, а новиот рекорд на Стојановски е 28.81.

Овој извонреден успех Андреј го постигна на вчера одржаниот III делфин Спринт 2020 каде силниот пливачки тим на ПК “Нептун” предводен од нашиот најдобар маратонец Томи Стефановски освои 30 медали од кои 12 златни.

Нашиот Андреј Стојановски е најголема надеж на македонското пливање и во базен и во маратонско пливање.Носител е на седум рекорди за пионери до 14 години во 25 и 50 метарски базен( 50 метри градно, 100 метри градно, 200 метри градно, 100 метри мешано и 200 метри мешано), државен првак и рекордер е на 2500 метри во базен за 2018 и 2019 година, прогласен е за најдобар пливач за 2019 година во категорија кадети и младинци ,победник е на натпреварите во далечинско пливање ( 2500 метри) што оваа година се одржаа на Охридско, Мавровско и Велешко езеро.

Минатата година Андреј Стојановски беше победник на Македонскиот куп во далечинско пливање, а на Комен купот што се одржа лани на Кипар иако го освои седмото место на пет километри, тоа му беше одземено поради проблемите во Пливачката федерација кои за жал удрија по нашите најдобри пливачи.

Слични содржини