Актуелно
Почетна / Локално / Нова енергетски ефикасна градинка за 125 деца се гради во Драчево

Нова енергетски ефикасна градинка за 125 деца се гради во Драчево

Во Драчево се гради нова енергетски ефикасна градинка во која ќе се згрижат 125 деца. Рокот на изведба е 16 месеци. Градинката ќе се простира на површина од 600 метри квадратни и ќе има на приземје и еден кат.

Со изградбата на градинката се очекува да се намалат листите на чекање за згрижување на децата од ова населено место.

– Во овие две и пол години инвестиравме 180 милиони денари во инфраструктура и покажавме дека предучилишното образование е приоритетна тема за оваа Влада. Дополнително, ги зголемивме платите кај воспитувачките и негувателките за 26 проценти со цел да инвестираме во квалитетот на предучилишното образование. Се развиваат и нови модерни програми во градинките, коишто понатаму би требало да дадат подготовка на децата за современите начини на живеење, за да можеме да добиеме попродуктивни граѓани, изјави вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска, која денеска заедно со заменик-министерот за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар, дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ и градоначалникот на Кисела Вода, Филип Темелковски направија увид во градежните работи.
Според заменик министерот за труд и социјална политика, целта е да се опфатат што повеќе деца во предучилишно образование.

– Битна ни е не само згрижувачката туку и воспитната функција на предучилишното образование, и затоа тоа треба да биде достапно и задолжително за сите деца, рече Бајрактар.

Во буџетот на Министерството за труд и социјална политика за 2020 година издвоени се 105 милиони денари за реконструкција, опремување и изградба на детски градинки, а дополнително, со помош од Светска банка, обезбедени се 15 милиони евра. До крајот на 2024 година планирано е да се креираат нови 7.500 места за згрижување на деца од предучилишна возраст.

– Сакам да напоменам дека работиме не само на инфраструктурата, туку силно инвестираме и во програмите за рано учење и развој. Нашата држава во изминатите две години беше прва држава во регионот којашто ги пилотираше програмите за социо-емоционален развој, кои од оваа година ќе се применуваат на национално ниво, изјави дополнителната заменик-министерка за труд и социјалјна политика Шкријељ.

Од општината најавуваат изградба на уште една градинка.

loading...