Нова верзија на коронавирусот, сега доминантна форма, се шири низ светот

од Stefanija Kuzmanovska

Генетската верзија на новиот коронавирус, кој предизвикува Ковид-19 и денес е распространет во светот, во лабораторија се покажа поспособна да инфицира човечки клетки од оригиналната форма што се појави во Кина, покажа новата студија објавена во четвртокот во списанието Cell.

Истражувањето спроведено во лабораторијата сугерира дека оваа мутација би можела полесно да се пренесува кај луѓето во реалниот свет во споредба со претходната варијанта, но тоа сè уште не е докажано.

„Мислам дека податоците покажуваат дека постои една мутација која овозможува вирусот да се размножува подобро и може да биде придружена со поголема концентрација на вирусот“, изјави Ентони Фаучи, главен американски инфектолог кој не беше вклучен во студијата.

„Се чини дека вирусот се размножува поуспешно и може полесно да се пренесе, но сега се настојува тоа да се потврди“, додаде тој.

Научниците од лабораториите Лос Аламос во Њу Мексико и универзитетот Дјук во Северна Каролина се здружија со универзитетот Шефилд за да анализираат примероци објавени од GISAID, светски извор на секвенци на геноми. Откриле дека сегашната варијанта наречена „D614G“ има мала, но моќна промена во протеините кои се издигаат од површината на вирусот и дека вирусот ја користи за да се пробие и зарази човечката клетка.

Научниците ги објавија првите откритија на веб-страницата bioRxiv во април, но тогаш беа критикувани затоа што не докажаа дека самата мутација е одговорна за доминација на таа варијанта во светот затоа што може да биде последица на други фактори или обична случајност.

Тимот затоа спроведе други експерименти. Тие анализирале податоци од 999 британски пациенти хоспитализирани поради Ковид-19 и откриле дека оние со таа верзија на вирусот имаат поголема концентрација на вирусни честички во организмот, но тежината на нивната болест не била различна.

Лабораториските експерименти покажаа дека оваа верзија е три до шест пати поспособна да зарази човечка клетка.

„Се чини дека тој вирус е поспособен“, вели Ерика Олман Сафир, која спроведе еден од експериментите во Институтот за имунологија „Ла Јола“. Но, во оваа фаза, сè може да се опише како веројатно, бидејќи лабораториските експерименти не се одвиваат во услови на динамиката на пандемијата во реалниот свет.

Според досегашните сознанија, иако варијантата на вирусот што сега циркулира е „позаразна“, може, но не мора, полесно да се пренесува меѓу луѓето.

Слични содржини