Нуредини: Заедно да работиме да дојдеме до решение за односот кон животната средина

од desk4

 Односот кон животната средина е регионално прашање, не е локално и затоа пристапот треба да биде регионален. Сите ние сме одговорни, ние како извршна власт, приватниот сектор-тие што произведуваат, но и ние како поединци, сите заедно треба да работиме за да дојдеме до решение, е пораката што ја упати министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини по денешната регионална конференција „Зазеленување на однесувањето кон животната средина во Западен Балкан” што се одржа во организација на Асоцијацијата на Чивнинг стипендисти во Македонија (МЦАА).

Изразувајќи задоволство што млади генерации кои имале можност да студираат во странство се враќаат назад и можат да придонесат тука, Нуредини потенцира дека во Министерството за животна средина и просторно планирање има извонреден тим што работи напорно на сите прашања и теми, како што се кавлитетот на воздухот, управувањето со отпадот, водата, како и на подобрување на законите, за кои, подвлече, ќе се зајакнуваат и во блиска иднина ќе се усвојат.

– Ова не е прашање кое може да се реши краткорочно, мора да се работи долгорочно. Сите заедно мора да работиме на тоа бидејќи повеќе фактори придонесуваат за тоа, греењето на домовите, енергетската ефикасност, автомобилите, одговори министерот Нуредини на новинарско прашање во врска со мерките кои се преземаат за загадувањето на воздухот.

Ѓакуш Кабаши, претседател на Асоцијацијата на Чивнинг стипендисти во Македонија (МЦАА) истакна дека целта на конференцијата е со домашни и странски експерти да се подигне свеста, да покажеме, како што рече, што функционира и што е направено веќе во светот како добри парктики за унапредување на животната средина, но и генерално за квалитетот на животот.

– Досега од првата сесија, од она што беше истакнато е дека пред да се оди кон промена на однесувањето треба да се видат причините за тоа конкретно однесување на луѓето, на граѓаните, а потоа да се пристапи кон нивна измена, изјави Кабаши.

Тој изрази надеж дека денешниот настан ќе придонесе кон подобрување на политиките во оваа област во иднина

Во дискусиите на конференцијата учествуваат 12 домашни и странски експерти кои дејствуваат во различни аспекти на заштитата на животната средина. Меѓу говорниците од целиот регион, како и од Велика Британија и од Мексико, првпат кај нас ќе се обрати и претставник од Гринпис Бугарија, огранокот на престижната меѓународна организација која го покрива регионот.

Како дел од овој настан, ќе се одржи и посебна информативна сесија за идните стипендисти, каде заинтересираните за аплицирање ќе можат да дознаат повеќе за можностите за аплицирање за Чивнинг стипендијата за магистерски студии.

Слични содржини