Од денес ќе јадеме поевтини шпагети и макарони, за млечните производи ќе се знае наскоро

од Nikola Popovski

Министерот за економија Крешник Бектеши најави дека од денес треба бидат ограничени цените на тестенините, додека за млечните производи ќе се причека што ќе кажат производителите.

Тој пред новинарите вчера изјави дека „замрзнатите“ цени на тестенините ќе бидат за најмалку 10 проценти пониски од претходните, додека во однос на млечните производи ќе се причека производителите до денес да одлучат, затоа што, како што рече, некои веќе и самите ги намалуваат цените. Тој ги повикува да направат исти чекори како што направија одредени компании.

Министерот вели дека во делот на млечните производи се очекува замрзнување на цената на белото сирење, млекото и урдата.

Бектеши додаде дека е во постојана комуникација со производителите на млечни производи и тестенини.

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, исто така најави нова листа на продукти со пониски цени.

-Донесена е одлука за намалување на царинските давачки за тестенините и доматното пире, кои треба да придонесат за намалување на цените. Се прават анализи за млекото и млечните производи. Следната недела ќе биде објавена нова листа на продукти со нови мерки, рече Битиќи.

Владата на премиерот Димитар Ковачевски од 1-ви март одлучи ја ограничи цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари и покрај противењето на најголемите македонски пекари, кои најавија тужба против државата поради, како што велат, големите штети што ги претрпеле со оваа одлука.

Слични содржини