Од денес може да аплицирате за зелена карта за САД

од Nikola Popovski

Сите заинтересирани граѓани од денес до 7 ноември годинава, до 18 часот, можат бесплатно да се пријавуваат на лотаријата за зелена карта за САД за 2025 година, објавија од американската амбасада во Скопје.

Кандидатите може да се пријават на официјалната веб-страница  на  американскиот Стејт департмент https://dvprogram.state.gov/ , на која има целосни инструкции.

Од Амбасадата на САД во земјава информираат дека учеството во лотаријата  е бесплатно и им препорачуваат на кандидатите да ги спремат и поднесат своите пријави што е можно порано.

„Им препорачуваме на кандидатите да аплицираат порано и лично да ги подготват и поднесат своите пријави. Кандидатите можат да побараат помош од трето лице кое ќе ја поднесе пријавата во нивно име, но за едно лице може да има само една апликација. Секој кандидат е одговорен за своите податоци и дали поднесените информации во пријавата се потполни и точни. Внесување неточни или нецелосни податоци може да доведе до дисквалификација на кандидатот дури и откако бил извлечен како добитник“, појаснија од амбасадата.

Секој кандидат треба да ја испечати и зачува потврдната страница од пријавата по пополнувањето на апликацијата за да може да ја провери. Исто така, секој кандидат треба да го зачува својот единствен број барем до 30 септември 2025 година, без разлика дали е извлечен на почетокот. Овој број е единствениот начин преку кој може да се провери дали кандидатот е избран.

Слични содржини