Од лето електронска наплата на патарините меѓу Србија и Македонија без задржувања

од Nikola Popovski

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ денеска изјави дека меморандумот потпишан денеска во делот на инфраструктурата ќе се однесува на воспоставување интероперабилен електронски систем за наплата, така што преку електронска наплата граѓаните наскоро ќе можат да патуваат по автопатите во Србија и Македонија.

Со денешниот потпишан меморандум, како дел од процесот Отворен Балкан. се овозможува граѓаните на двете држави да можат да плаќаат патарина преку електронскиот систем користејќи иста електронска картичка или електронски таг во двете земји.

– Сега ги продолжуваме понатамошните дискусии за усогласување на ова интероперабилно електронско плаќање, имаме 30 дена за усогласување, а дополнителни 60 дена за тестирање на овој систем и очекувањата и планот се дека овој систем ќе го ставиме во функција во текот на летната сезона, рече Брнабиќ на заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски.

Таа рече дека ова е прва фаза и дека заедничката работа ќе продолжи и дека се надева дека овој систем ќе се прошири и во Албанија, но и во Хрватска и Грција со цел, како што рече, во најголема можна мера да се олесни патувањето, но и Србија да ја направи уште поатрактивна за транспорт на стоки, што, посочи таа, директно придонесува за економскиот раст и растот на БДП на Србија.

Ваквиот меморандум беше потпишан од министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура на Република Србија, Горан Весиќ.

Министерот Бочварски оствари и работна средба со неговиот колега, министерот Весиќ, на која разговараа за интензивирање на соработката во делот на инфраструктурата помеѓу двете држави.

Во фокусот на разговорот беше и проектот за изградба на железничка станица во Табановце, со која би се подигнале капацитетите на железничкиот систем, би се интензивирало и зајакнало регионалното поврзување, како и отворање на можноста за либерализација на патниот транспорт.

Слични содржини