Одложен билатералниот скрининг за Поглавје 11 поради синоќешниот напад во Брисел

од Nikola Popovski

По трагичниот напад синоќа во Брисел, каде што 2 лица го загубија животот, делегацијата на Северна Македонија предводена од Дрита Абдиу-Халили, државен секретар и заменик главен преговарач со ЕУ, ја информира јавноста дека се одложува билатералниот скрининг за Поглавје 11 – Земјоделство и рурален развој, кој требаше да продолжи денеска и утре во Брисел.

Синоќа, по зголемена загриженост за безбедноста, потврдено е дека членовите на македонската делегација се безбедни. Безбедноста и благосостојбата на нашата делегација останува наш главен приоритет.

По континуирана комуникација и консултации со претставници на Европската комисија, Мисијата на Република Северна Македонија при ЕУ, Мисијата на Република Северна Македонија при НАТО и Амбасадата на Република Северна Македонија во Брисел, а земајќи ја предвид новонастанатата безбедносна состојба, донесена е одлука за одложување на вториот ден од билатералниот скрининг за поглавје 11. Состанокот закажан за денеска ќе се одржи во четврток на 19 октомври.

Оваа одлука се заснова на заедничката посветеност за безбедноста и благосостојбата на сите учесници во скрининг процесот со Европската Комисија.

Уште еднаш, изразуваме длабоко сочувство до жртвите и семејствата погодени од овој бесмислен чин на насилство.

Заменик главниот преговарач со ЕУ Дрита Абдиу Халили, која ја предводи македонската делегација во Брисел, истакна: „Иако соочени со потешкотии, нашата посветеност на преговарачкиот процес останува непоколеблива. Сите членови на делегацијата се добро и безбедни, а сите беа контактирани веднаш по синоќешниот настан. По консултации со претставници на Европската Комисија, одлучивме планираната седница за денеска да се одржи во четврток на 19 октомври”.

Нашата делегација ја цени посветеноста, поддршката и им благодариме на нашите колеги од Европската Комисија, Мисијата на Република Северна Македонија при ЕУ, Мисијата на Република Северна Македонија при НАТО како и Амбасадата на Република Северна Македонија во Брисел, кои цело време беа посветени на нашата безбедност, информирајќи нè и пружајќи ја потребната помош.

За било какви промени или нови случувања околу скрининг процесот и безбедносната ситуација во Брисел по синоќешниот трагичен напад, јавноста ќе биде навремено информирана.

Слични содржини