Омикрон потврден и во Косово: „Се очекува влошување на ситуацијата“

од Nikola Popovski

Косовскиот институт за јавно здравје синоќа потврди дека на Косово е регистриран новиот сој на коронавирус омикрон и дека досега се регистрирани вкупно девет случаи, објави порталот Коссев.

Во лабораторијата за молекуларна микробиологија на овој институт вчера биле тестирани 22 позитивни примероци собрани во периодот од 15 до 25 декември, од кои за девет е потврдено дека се сојот омикрон, соопшти Институтот.

Во два случаи, омикрон е регистриран кај лица кои дошле на Косово од САД, два кај лица од Лондон и еден од Франција.

Потврдени се четири случаи кај лица од јужниот дел на Косовска Митровица кои негирале дека патувале или имале контакт со лица кои не се од Косово.

Потсетувајќи дека сојот омикрон се шири побрзо од делта и поучен од искуството на другите земји, Институтот наведува дека „се очекува влошување на епидемиолошката состојба во Косово“.

Заедно со косовското Министерство за здравство, Институтот ги повика граѓаните строго да се придржуваат до мерките и да се вакцинираат.

Вакцинацијата е можна во секое време и без претходно закажување, без оглед на живеалиштето и државјанството на лицето, потсети косовскиот Институт за јавно здравје.

Слични содржини