ОМО Илинден: Не сме сепаратисти, срамота е Бугарија да ја водат политичари како Радев

од Nikola Popovski

Од здружението ОМО Илинден Пирин реагираа на денешната изјава на бугарскиот претседател Румен Радев. Според нив, неговата изјава е лага и клевета и како таква е срамна за сите, а особено за претседателот бидејќи срамот паѓа на сите граѓани.

-Нашата партија никогаш не исповедала сепаратистички идеи. Досега ниту една македонска организација или Македонка во Бугарија не е обвинета, судена или осудена за сепаратистички дејствија. Лагата за сепаратизам се користи за да се оправда систематската дискриминација на која подлежат бугарските граѓани со македонска самосвест, што доведе до 14 пресуди против Бугарија од страна на Судот за човекови права. Дискриминацијата на Македонците во Бугарија се рефлектираше во секој извештај на меѓународна институција за човекови права во врска со Бугарија во изминатите 18 години, и затоа Бугарија беше ставена под зголемен мониторинг во Комитетот на министри, стои во реакцијата.

Од ОМО Илинден Пири го потсетуваат Радев дека Бугарија ја ратификуваше Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и дека Република Бугарија во минатото официјално го призна македонското малцинство, кое оттогаш беше подложено на брутален прогон во комунизмот.

-А за информација на Радев, бидејќи тој одбива не само да не прими, туку дури и да одговори на нашите барања за средба, ние се бориме за демократизација и европеизација на Бугарија, за човекови права, за запирање на негирањето на македонското малцинство, запирање на систематската дискриминација, стигматизација, говор на омраза и маргинализација применети против него. Сакаме да им овозможиме на бугарските граѓани со македонска самосвест рамноправно и целосно да учествуваат во јавниот и политичкиот живот во земјата – нешто што во моментов систематски им се ускратува. Срамота е Бугарија да ја водат политичари со сличен начин на размислување, се вели во реакцијата.

Според бугарскиот претседател, секое барање за реципроцитет во граѓанските права и внесувањето на бугарското малцинство во македонскиот Устав, како и македонското во бугарскиот, е контрапродуктивно.

-Македонските Бугари се борат за еднаквост, која ќе биде загарантирана во нивниот Устав со регистрирање кај други народи. Тие се борат за нивна целосна интеграција во јавниот живот на државата. Тоа е радикално различно од сепаратистичките ставови и малцинските тврдења што ги исповедаат луѓето со кои се среќава претседателот Пендаровски, рече Радев пред бугарските новинари.

Неговата изјава следува откако претседателот Пендаровски се сретна во вилата на Водно со преставниците на Македонците во Бугарија и со членови на здружението ОМО Илинден-Пирин.

Слични содржини