Оправдано ли е европското знаменце на законите за Коридорите? „Потребна е брза траса за стратешки инвестиции“

од Nikola Popovski

Се уште големи реакции во јавноста предизвикува Договорот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ за изградбата на Коридорите 8 и 10Д. Откако Владата реши предлог-законите за изградбата да ги пушти во Собрание со европско знаменце, критики дојдоа од опозициските партии, но и од Делегацијата на ЕУ во Скопје. Порачаа дека употребата или означувањето на законите со европско знаменце има за цел да ја забрза интеграцијата на С Македонија во ЕУ, но во конкретниот случај нацрт-легислативата се чини дека не се однесува на усогласување со стандардите на ЕУ. Оттаму велат дека ја изразиле својата загриженост по ова прашање и побарале објаснување од македонските власти. Европското знаменце, како што наведуваат во својот став, не треба да се користи за заобиколување на на јавните консултации или за решавање на процедуралните тешкотии во Собранието.

Дел од аналитичарите во земјава сепак не се сигурни дали европското знаменце е влезено во смисла на градењето на државната инфраструктура која се гради. Политичкиот аналитичар Петар Арсовски во разговор за „Локално“ порача дека некаква брза траса за стратешки инвестиции е потребна.

Петар Арсовски

-Во основа, намената на Специјалниот закон за стратешки инвестиции е за да не се кочи во административни процедури бидејќи поголемите проекти не можат да се завршат. Дали европското знаменце е оправдано или не, треба да каже Секретаријат за европски прашања и Европската комисија, ние не сме меродавни, но брза трака во која нема да може да има блокади, секако е потребна, ни вели Арсовски.

Смета дека очигледно е дека ЕУ знаменцето се користи поради блокадите на ВМРО-ДПМНЕ и Левица во Собранието преку илјадниците амандмани.

-Инаку државата влегла во кој проект, ако застане, тој ќе ја чини. Така што очигледно тоа е обид за да се избегнат тие блокади, појаснува Арсовски.

Аналитичарот оценува дека треба да се најде содржината на договорот да стане достапна за јавноста, дали преку специјални изјави за доверливост, дали да се побара од инвеститорот согласно дел од Договорот да се објави.

-Еден дел од Договорот може да се објави, а тој што е доверлив или што има некакви технолошки процеси кои на барањето на инвеститорот се доверливи, можеби треба да се одвојат, а за другото да се отвори посериозна дебата. Вака како што е поставен договорот, оние пратеници кои би го виделе треба да потпишат изјави за доверливост, објаснува Арсовски.

Благојче Атанасоски

Од друга страна, политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски смета дека можеби не е оправдано носењето на овој закон за Коридорот 8 и 10 д со такво знаменце, но власта не гледа друг начин.

-Тоа е одлика на примитивната, примордијалната и пештерска политичка некултура на недијалог на политичките елити, а не епилог на една развиена демократска европска земја која се стреми да стане полноправен член на Европската унија, вели Атанасоски за „Локално“, додавајќи дека таканареченото носење на закони со европско знаменце беше многу пати злоупотребувано од властите (актуелната и поранашената предводена од опозицијата), за протуркување на закони кои немаат потреба да бидат носени со европско знаменце.

-Тоа се правело, за жал, поради опструкции од опозицијата, а на власта тогаш и се „брзало“ да го донесе тој односен закон во дадениот момент, се дообјаснува соговорникот.

Заклучува дека веројатно власта не гледа друг начин да го истурка што побрзо овој најголем инфраструктурен проект во Македонија од независноста до денеска.

-Друго прашање на институциите на системот е дали има злоупотреба околу законите и само и само независни и професионални институции задолжени за надзор и контрола на тоа може да го проверат и утврдат тоа, анализира Атанасоски.

Аналитичарот исто така смета дека е подобро дебатата да се води во Собранието, како нормален начин на политички дијалог и спротиставување на аргументите и тезите околу проектот.

-За жал, ниту Собранието ни е „нормално“ односно пратениците се сѐ, само не европски и култирни пратеници, ниту општеството создало медиумска клима за „нормален“ разговор, ни кажа Атанасоски.

Н.П.

Слични содржини