Општина Карпош: Зад „Борба за Влае“ стои сопругата на Мицкоски – не сакаат црква, градинка, ниту улица

од Nikola Popovski

Зад смешната парола „Борба за Влае“ се крие Христијан Мицкоски и неговото потесно семејство. Организатор на оваа нечесна работа е сопругата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за што има и видео документација. На наводниот протест присуствуваше таа – сопругата, и уште 5-6 партиски членови  меѓу кои и советничката во општина Карпош од ВМРО-ДПМНЕ која живее во Жданец. Ова јасно покажува дека фарсата наречена „Борба за Влае“ е прочитана од граѓаните и не доби никаква поддршка, велат од општина Карпош за „Локално“ во однос на вчерашниот протестен собир поради постапката за носење нов Детален урбанистички план.

Според општината предводена од градоначалникот Стевче Јакимовски, лидерот на опозицијата Мицкоски беше против угостителски објект иако претходно тука егзистираше ресторанот Александрија.

-На негово барање тој не е отворен. Исто така тој се спротивстави таму да има и Тинекс маркет. Се противи на улица која е предвидена уште 1984 година и за која законските прописи јасно велат дека од раскрсницата до улицата Есперанто мора да има 60 метри. Се противи на изградба на детска градинка, иако Влае 2 нема таков објект, а истиот треба да служи исклучиво за згрижување на децата од таа месна заедница. Сите заедно лажат дека улицата ќе поминва низ училишниот двор, а вистината е дека улицата Есперанто продолжува право кон улицата Ангел Динев и е повеќе од 30 метри повлечена од училиштето. Станбената зграда се прави согласно генералниот план, кој вели дека таму е предвидено домување и согласно регулацискиот план, кои ги носи Град Скопје и се правни акти од повисок ранг во однос на ДУП-от и истиот мора да почитува правила и прописи кои се надредени над локалната самоуправа. Што се однесува до станбената зграда, правилата велат дека секој што има над 1.000 метри квадратни мора да му се дозволи минимум П+8 ката. Предметната парцела има околу 4.000 метри квадратни, порачуваат од локалната власт.

Сметаат дека заклучокот е јасен – се што е во близина на семејството Мицкоски им смета.

-Не сакаат црква, не сакаат градинка, не сакаат улица, не сакаат ресторан, не сакаат Тинекс маркет за подобрување на снабдувањето,  не сакаат зграда. Ороводец на наводната „Борба за Влае“ е сопругата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, а претставничката на Борба за Влае е само нивни инструмент.

Јавноста мора да знае дека на презентацијата на планот имаше триесетина граѓани на Влае кои го поддржуваа неговото носење, а другарите и другарките на Роза Мицкоска беа вкупно 5 лица, од кои еден не е жител на Карпош, додаваат во својата реакција од општина Карпош.

Се додава и дека општина Карпош од корен го реновираше ООУ Димо Хаџи Димов.

-Реконструирани се сите улици, рабници и тротоари. Заменети се сите светилки. Изграден е плоштадот Делфина кој граѓаните масовно го користат. Изградена е нова водоводна мрежа со која е подобрено водоснабдувањето на овој дел од општината. Реконструиран е дел од плочникот пред Порта Влае и изграден е паркинг пред плоштадот Делфина. Изградени се спортски терени, поплочен и осветлен е кејот на реката Вардар. Сето ова направено додека не се досели семејството Мицкоски. Значи без нив и неговите „Борци за Влае“. Откако се тие тука се шират лаги, невистини, се прават груби обиди за дезинформирање, ја користат нивната партиска инфраструктура за ширење на пропаганда, а чија основна цел е да се заштитат забеганите умови кои се однесуваат како да Влае е нивна сопственост, велат од Општината, прашувајќи дали „Христијан Мицкоски ќе каже колку метри зема од училишниот двор за да обезбеди за себе влез, иако истиот до својата куќа треба да стига преку улица Мраморец?“.

 

Иницијативата „Борба за Влае“ тврди дека Општина Карпош предводена од Стевчо Јакимовски, наместо да ја отстрани, ја зголемил катноста на зградата во маалото. Тие тврдат дека сторил и кривично дело. Тврдат дека сега, сопственикот е ставен и во подобра состојба при евентуално окрупнување на парцелата.

Од „Борба за Влае“ велат дека ланскиот отпор се покажал ефективен, бидејќи поради отпорот на граѓаните биле избришани станбени објекти од повеќе локации кои се наоѓаа на државно земјиште.

„Сега е време да покажеме дека мораат да ги избришат и останатите за овој ДУП да биде добар за влаевчаните. Со тоа тој лесно може да биде изгласан и Влае конечно да може да се развива во насоката на која сакаат жителите, а не инвеститорите од урбаната мафија“, велат од иницијативата.

Деталниот урбанистички план е донесен во 2016 година кога градоначалник беше Стевчо Јакимовски, а во 2018 година на иницијатива на неколку активисти планот беше укинат од Уставниот суд. Администрацијата на поранешниот градоначалник Стефан Богоев од СДСМ го изработи планот, но во неговиот мандат не го стави документот пред советниците на гласање.  Планот беше поставен на јавна анкета во 2022 година кога повторно во градоначалничката фотелја седна Стевчо Јакимовски.

Н.П.

Слични содржини