Општина Центар не се откажува од мораториумот за градба

од Vladimir Zorba

Општина Центар е изненадена и разочарана од одлуката на Уставниот суд за укинување на мораториумот за градба и најавува дека нема да се откаже и ќе ги искористи сите правни можности.

– Како градоначалник, како Совет и како општина Центар сме изненадени, но и разочарани од одлуката што ја донесе Уставниот суд за времена мерка за укинување на т.н. мораториум за градба во општина Центар. Неизвршувањето на плановите, односно мораториумот беше во интерес на граѓаните и тие силно го поддржуваа и ја сфаќаме револтираноста и гневот кој го имаат по објавувањето на одлуката, рече на денешната прес-конференција градоначалникот на општина Центар Саша Богдановиќ.

Тој додаде дека реакциите на граѓаните по одлуката не престануваат и доаѓаат до нив, а се реагира и на социјалните медиуми.

Богдановиќ информира дека речиси година и пол интензивно работеле на измените на ДУП-овите и додаде оти мораториумот бил начин со кој ќе се спречи спроведување на лошите планови и веќе почнале да постигнуваат резултати. Минатата седница Советот на Општина Центар донесе два плана, „Мирче Мацан“ и „Ново Маало“.

-Ние не се откажуваме од мораториумот и ќе ги искористиме сите правни можности за да донесеме подобри,  нови урбанистички планови што веќе се работат и поголем дел веќе се во крајна фаза на донесување. Во моментов со правниот тим на Општина Центар и со одредени стручни лица кои ги консултираме ги разгледуваме можностите кои ќе ни бидат на располагање откако официјално ќе ја добиеме одлуката. Ние одлука официјално немаме добиено, а оваа информација ја добивме од контактите со односи со јавност на Уставниот суд и тоа што излезе по медиумите, истакна Богдановиќ.

Најави дека откако ќа ја добијат официјално оваа одлука тогаш ќе го соопштат нивниот став.

Слични содржини