Османи положи цвеќе на гробот на Мајка Тереза: Го продолжуваме заветот на Мајката на милосрдието за љубов и разбирање

од Stefanija Kuzmanovska

Во рамки на официјалната посета на Индија, министерот за надворешни работи, Бујар Османи положи цвеќе на гробот на Мајка Тереза во Калкута, изразувајќи најдлабока почит и гордост дека најисклучителната жена во светот – Светицата на целиот свет доаѓа токму од нашата земја. Воедно Министерот реализираше посета на Црквата каде што Светицата го помина најголемиот дел од животот а кој патем не беше само нејзин дом, туку и дом на многу беспомошни и помалку привилегирани.

„Сведочејќи како изгледал нејзиниот живот, скромноста на една толку голема личност не остава никого индифирентен и без чувство на одговорност кон нејзиното наследство и мисија – да се помогне на најранливите и да се нахранат и најсиромашните, но не само со леб, како што знаеше таа да каже, туку и со љубов и почит“, рече Османи на средба со сестрите на милосрдието, кои ја продолжуваат мисијата на Светата Тереза.

 

„Од нејзиниот живот е очигледно дека Мајка Тереза се придржувала до екстремна флексибилност и приспособливост во однос на различните култури и етнички групи, карактеристики кои сум сигурен дека биле длабоко врежани во неа и во начинот на кој била воспитувана уште од најрана возраст од нејзиното семејство во Скопје. Овој концепт ги надмина и продолжува да ги премостува бариерите на религијата и етничката припадност и ги нагласува идеите за толеранција и хармонија во однос на сите различности“, се изрази Министерот, истакнувајќи дека од делата на Мајка Тереза извираат историјата, културата и вредностите на кои треба постојано да се потсетуваме – почит и толеранција.

На агендата на Османи во Калкута, се и средбите со градоначалникот на Калкута, Фирхад Хаким, како и со претседателката на Инвестицискиот Самит на Западен Бенгал, Вандана Јадав.

Слични содржини