Османи во Сион на средби со дијаспората во Швајцарија

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, за време на работната посета на Швајцарската Конфедерација отпатува и за Сион, главен град на кантонот Вале на средби со повеќе наши граѓани, како и со претставници на повеќе здруженија на дијаспората на Република Северна Македонија.

Интересите, загриженостите, но и потребите на дијаспората, комуникацијата со државата, достапноста на услугите кои ги користат граѓаните во странство, потенцијалите за нивно враќање во Северна Македонија, но и текот на попишување на тамошната дијаспора во рамките на Пописот 2021, беа дел од низата теми на дискусија за време на средбите.

„Резултатите од Пописот ни требаат за да имаме основа за донесување на развојни политики засновани врз прецизни податоци кои повторно, ќе бидат од директна полза на граѓаните, од полза на нашата дијаспора“, истакна Османи.

Министерот потенцираше дека оваа дијаспора, нејзината интегрираност во швајцарскиот систем е огромна можност за продлабочување на соработката со матичната држава, преку различни  проекти и соработка, што ќе биде од голема полза за развојот на Северна Македонија.

„Според некои податоци, околу 70.000 граѓани на Република Северна Македонија живеат и работат во Швајцарија, од кои речиси 30.000 имаат добиено швајцарско државјанство, но Пописот треба да ја покаже вистинската бројка и многу други податоци, преку кои ќе можеме да ги засилиме врските и да креираме политики, ориентирани кон засилена соработка со дијаспората“, нагласи Османи.

Министерот ги запозна иселениците и со проектите кои Министерството за надворешни работи ги презема за унапредување и олеснување на комуникацијата со дијаспората, како што е проектот „Е-конзулат“, со кој се предвидува дигитализација на поголемиот број услуги кои им се од важност за нашите граѓани кои се наоѓаат во странство.

Османи од Швајцарија патува за Мадрид каде ќе има средба со својот домаќин, министерката за надворешни работи, Европска унија и соработка на Шпанија, Аранча Гонзалес Лаја. Османи во Мадрид ќе се сретне и со Аурора Мехија, Директор за Европска унија и главен советник во кабинетот на претседателот на Владата, Педро Санчез, а ќе има средба и со претседателот на Комисијата за надворешни работи во Сенатот, Антонио Гутиерез Лимонеси. Во рамките на престојот во Мадрид, Османи ќе се сретне и со Генералниот секретар на Светската туристичка организација Зураб Пололикашвили.

Слични содржини