Потпретседателот на Демократската унија за интеграција, Бујар Османи остро реагирал на предложениот закон за правична застапеност, опишувајќи го како сериозен политички чин против Албанците во земјата.
Во јавна објава, Османи нагласува дека, врз основа на неговото политичко искуство и без никаква партиска пресметка, одобрувањето на овој Закон претставува „предавство на високо ниво“ на долгогодишните напори на генерациите за обезбедување достоинствена позиција за Албанците во државата.
„Од целото мое политичко искуство, и отстранувајќи ја секоја партиска пресметка, го кажувам ова со целосна одговорност: одобрувањето на таканаречениот закон за правична застапеност е предавство на високо ниво на секој напор на генерациите за достоинствена позиција за Албанците во оваа држава“, реагира Османи.
Затворање на просторот за нејаснотии, импровизации и злоупотреби кои во минатото создаваа и злоупотреби и недoверба. Ова се очекува од Законот за правична и соодветна застапеност кoj вчера (7.04) доби зелено светло од Владата, со печат на Венецијанската комисија. Овој закон треба да го замени поранешниот „балансер” – алатка со која беше одредуван процентот на соодветна застапеност на вработените во јавниот сектор од секоја етничка заедница.
Балансерот беше укинат со одлука на Уставниот суд на 9-ти октомври 2024 година. Претходно, Уставниот суд на 18-ти септември 2024 година реши да поведе постапка за балансерот, откако судиите расправаа дали со оваа алатка се нарушува начелото на стручност и компетентност и се повредува и уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување. Предметот беше оформен по иницијатива поднесена од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) поради злоупотреба на таа алатка при вработувањата.
Укинувањето на балансерот предизвика реакции кај опозициски партиите на Албанците, а ДУИ тоа го оцени како тежок удар врз Уставот, врз Охридскиот договор и врз мултиетничката стабилност на државата.