Потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи синоќа говорел за европскиот пат на Македонија во Европската Унија. Османи, меѓу другото, изјавил дека поминала повеќе од една година откако Македонија воопшто не била спомената во Брисел за членство во европското семејство.
„Томас Вајц беше најодбранбениот глас. Од денес, тој излегува со став дека Северна Македонија не направила никакви реформи во изминатата година, нула реформи, а оваа генерација ја губи својата шанса. Тој излегува јавно вака, најголемиот бранител, оној кој дури влезе во конфликт со бугарските пратеници кога Северна Македонија беше во прашање, излегува со изјава дека со оваа геополитичка ситуација, Северна Македонија има историска шанса, а ја губи својата шанса да се приклучи кон ЕУ и вели дека не се направени никакви реформи“, изјавил Османи во емисијата „Клик плус“.
Според екс-министерот за надворешни работи и информациите што вели дека ги има од Брисел, на состаноците што се одржуваат таму за земјите кандидати, сега е започната подготовката на пристапниот договор за Црна Гора и дека 2028 година би можела да биде можност.
„За Албанија, Марта Кос вели 2030 година, за Босна има некои критики, а Северна Македонија воопшто не се споменува веќе. Помина една година откако се спомена Северна Македонија, таа е оставена настрана“, рекол вториот човек во ДУИ во дебатната емисија.