Папата испрати апел за климатските промени: „Тоа е итна работа“

од Vladimir Zorba

Папата Франциск во неделата рече дека топлотните бранови што зафатија многу делови од светот и поплавите во земји како Јужна Кореја покажаа дека е неопходно уште поитно да се дејствува во борбата против климатските промени.

„Ве молам, повторно ги повикувам светските лидери да направат нешто поконкретно за да ги ограничат штетните емисии“, им порача Папата на толпата на плоштадот Свети Петар.

„Тоа е итна работа, итен предизвик, не може да се одложи, а се однесува на сите. Да го заштитиме нашиот заеднички дом“, додаде Светиот Отец.

Франциск го повика светот да се откаже од фосилните горива што е можно поскоро, а заштитата на животната средина ја постави како основа на неговиот понтификат.

Во неговата енциклика „Лаудато Си“ од 2015 година, тој напиша дека забележува дека планетата „сè повеќе почнува да изгледа како огромен куп ѓубре“.

Франциск во неделата ја изрази својата солидарност со сите оние кои страдаат од последиците од климатската криза и сите оние кои им помагаат полесно да ги надминат.

Јужните делови на САД беа зафатени од рекорден топлотен бран, а екстремни температури беа забележани и во Кина и јужноевропските земји, меѓу кои Италија и Грција.

Поради пожарот кој беснее на грчкиот остров Родос, илјадници туристи и жители на тој остров во неделата прво беа евакуирани од крајбрежните градови и одморалиштата, а потоа беа принудени да се засолнат во училиштата и затворени делови од стадион.

Слични содржини