Папата Лав денеска порача дека оние кои водат војни и ги присвојуваат ресурсите на земјата се како крадци кои му ја одземаат мирната иднина на светот. Тој предупреди и на употребата на нуклеарната енергија на годишнината од чернобилската катастрофа. Украина ја одбележува 40-годишнината од најлошата нуклеарна катастрофа во историјата, среде стравувањата дека четиригодишната руска војна би можела да предизвика повторување на слична трагедија, пишува „Ројтерс“.
Во неделното обраќање по молитвата „Ангел Господов“, папата рече дека чернобилската несреќа оставила трага во колективната свест на човештвото. „Тоа останува предупредување за употребата на сè помоќни технологии“, рече папата, кој штотуку се врати од десетдневната турнеја низ четири африкански земји.
„Се надевам дека на сите нивоа на одлучување секогаш ќе преовладуваат мудроста и одговорноста, за атомската енергија секогаш да може да се користи како поддршка за животот и мирот“, додаде тој. Зборувајќи за дневното евангелие, во кое се споменува метафората за крадецот на овци, папата Лав рече дека крадците се појавуваат во многу облици.
Како примери ги наведе „површните животни стилови водени од конзумеризмот“, предрасудите и погрешните идеи. „Да не ги заборавиме ниту оние крадци кои, ограбувајќи ги ресурсите на земјата, водејќи крвави војни или хранејќи го злото во кој било облик, едноставно на сите ни ја одземаат можноста за иднина во мир и спокој“, додаде тој.
Папата Лав, првиот папа од САД, предизвика лутина кај претседателот Доналд Трамп откако стана поотворен во своите критики за војната и деспотизмот.