Партијата на десниот центар победи на изборите во Португалија

Монтенегро исткна дека нема да коалицира со десничарската „Чега“ поради што е нејасно дали АД воопшто ќе може да формира влада, наведува „Ројтерс“.

од Бети Божиноска

Партијата на десниот центар Демократска алијанса (АД) освои најмногу гласови на парламентарните избори што се одржаа вчера во Португалија, но не успеа да го освои мнозинството, што ѝ дава простор на десничарската „Чега“ да учествува во формирањето на владата, пренесува Би-би-си.

Лидерот на ДА, Луис Монтенегро, им рече на приврзаниците дека Португалеците гласале за промени иако разликата на победата е далеку од убедлива: ДА освои 29,5 отсто од гласовите, а на второто место е до скоро владејачката Социјалистичка партија (ПС), за која гласаа 28,66 отсто од гласачите.

На трето место е „Чега“ на Андре Вентура со 18,06 отсто од гласовите и освоени и 48 места во 230-члениот парламент, што е најголем успех од нејзиното формирање и, според толкувањето на „Фајненшл тајмс“, испраќа уште еден сигнал за подемот на десницата во ЕУ, каде во изминатите две години конзервативците или победија на изборите или влегоа во владејачките коалиции во Италија, Грција, Шведска и во Финска.

Монтенегро изјави дека неговата партија ќе формира нова влада, додавајќи дека од клучно значење е политичките партии на новата парламентарна седница да се однесуваат одговорно и „да ги исполнат желбите на португалскиот народ“.

Тој исткна дека нема да коалицира со десничарската „Чега“ поради што е нејасно дали АД воопшто ќе може да формира влада, наведува „Ројтерс“.

Лидерот на социјалистите Педро Нуњо Сантос го призна поразот и ѝ честиташе на победата на ДА.

Предвремените избори во Португалија беа резултат на ненадејната оставка на социјалистичкиот премиер Антонио Кошта по истрагата за трговија со влијание на крајот на минатата година. Социјалистите се на власт во Португалија од 2015 година.

Слични содржини