Партијата на пензионери бара забраната за двојно државјанство да важи за сите избрани функционери

Пратениците ги изгласаа измените во Законот за пратеници по скратена постапка во првата фаза - услов е само со македонско државјанство и пасош да се стане пратеник

од Nikola Popovski
16 прегледи Фото: Фејсбук

Партијата на пензионери го поддржува влегувањето во собраниска процедура на Предлог-законот со кој би се забранило да пратениците во македонското Собрание поседуваат двојно државјанство, што е едно од, како што велат, нашите залагања како партија одсекогаш.

-Исто така бараме и ја подржуваме идејата да ова правило се имплементира за сите избрани функционери на сите рамништа на управа во целата земја. Со донесување на еден оваков Закон, би се решиле и отфрлиле сите идни можни препукувања помеѓу политичките фактори во земјата околу тоа кој и како работи за странски интереси и воедно би се исклучиле сите можности за директно непринципиелно и злонамерно коментирање на било кои странски политичари и Влади, порачаа од партијата преку соопштение.

Пратениците ги изгласаа измените во Законот за пратеници по скратена постапка во првата фаза, услов е само со македонско државјанство и пасош да се стане пратеник. Иницијативата ја дадоа група пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. Велат дека со ова се предвидува пратениците да можат да поседуваат исклучиво македонско државјанство.

Од владејачката партија нагласија дека токму од страна на опозициската партија биле неосновани обвинувањата дека одреден дел од пратениците се со двојно државјанство, а потписници на оваа измена, како што кажа, се токму актуелни пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, за кои СДСМ наведува дека се со бугарско државјанство, и додаде дека денес ќе пукне уште еден меур од сапуница од страна на СДСМ.

И од партијата на Венко Филипче го поддржаа ова решение, но сепак сметаат дека оваа измена на законот за пратеници е чист популистички потег и дека не може да се обезбеди доказ дали некој пратеник има само македонско државјанство или има повеќе, поради што оваа измена е неприменлива.

Либерално-демократската партија (ЛДП) бара и ќе инсистира, покрај измените на законот за пратеници, да се изменат и законите во кои се регулира изборот на сите избрани и именувани функционери.

Пратениците од европски фронт велат дека немаат обврска да ги поддржуваат политиките на владејачкото мнозинство.