Патник во Мексико ја отворил вратата од авион и се движел по крилото: „Ни ги спаси животите“

од Stefanija Kuzmanovska

Во Мексико бил уапсен маж откако ја отворил вратата за итен излез и се движел по крилото на авионот, пишува Би-Би-Си.

Од мексиканскиот аеродром соопштија дека мажот не е повреден, но подоцна ѝ бил предаден на полицијата. Останатите патници сепак испратиле заедничко соопштение во кое тврдат дека мажот имал нивна поддршка во својот план.

Останатите патници: Ни ги спаси животите

Инцидентот се случил минатиот четврток, околу 11:30 часот, три часа откако летот на „Аеромексико“ требало да полета од Мексико Сити.

Летот бил одложен поради проблем со одржување на авионот, според извештајот за инцидентот. На крајот, патниците биле префрлени во друг авион и полетале за Гватемала.

Засега не е познато дали мажот останува во притвор, ниту со какви обвиненија би можел да се соочи.

Патниците, сепак, гледаат на овој инцидент од поинаква перспектива.

„Сите патници на летот од Мексико Сити до Гватемала наведуваат дека патникот во авионот ја отворил вратата за итен излез за заштита на сите патници и со наша поддршка, бидејќи доцнењето на летот и недостатокот на воздух во авионот беа опасни по здравјето на патниците“, стои во изјавата на останатите патници.

„Ни ги спаси животите“, напишале со свои потписи, а изјавата ја објавиле на социјалните мрежи.

Слични содржини