Пендаровски: Реакцијата на Радев е мешање во внатрешните работи на друга држава

од Берта Китинска

Претседателот Стево Пендаровски во однос на последните случувања во Бугарија со претседателот Румен Радев, кои се однесуваат на македонско-бугарските односи смета дека крајно невообичаено и секако надвор од внатрешите процедури на Алијансата е тоа претседател на една земја-членка на НАТО да ги повикува своите служби за безбедност да реагираат за наводно кршење на правата на граѓаните во друга-земја членка на НАТО.

„Крајно невообичаено и секако надвор од внатрешните процедури на Алијансата е претседател на една земја-членка на НАТО да ги повикува своите служби за безбедност да реагираат за наводно кршење на правата на граѓани во друга земја-членка на НАТО. Реакцијата на бугарскиот претседател е спротивна и на основниот принцип во меѓународната политика за немешање во внатрешните работи на друга држава“, се вели во реакцијата.

Од Кабинетот појаснуваат дека до овој момент, претседателот Пендаровски нема добиено ниту една информација од надлежните институции за кршење на човековите слободи и права на македонски граѓани само затоа што ја декларирале својата етничка припадност.

„Како држава кандидат за членство во ЕУ ние сме со години под редовен мониторинг на Брисел, но, ниту во последниот годишен извештај за напредокот на Европската Унија не се регистрирани такви случаи“, велат од Кабинетот на шефот на државата.

Повод за средбата на Радев со разузнавачите било писмото од Културниот центар „Иван Михајлов“ од Битола, но и сигнали од Бугари од Македонија „за зачестени појави на нарушувања на нивните права само поради тоа што се самоопределуваат како етнички Бугари“. Во соопштението не беше прецизирано какви мерки ќе бидат преземени.

Румен Радев стана бугарски претседател во 2017 година како кандидат на опозициската БСП и постојано го критикува премиерот Бојко Борисов, додека Борисов го обвинува Радев дека одработува за БСП во предизборната кампања.

Слични содржини