Пенс ќе мора да сведочи пред големата порота за разговорите со Трамп

од Stefanija Kuzmanovska

Американскиот федерален суд одлучи дека поранешниот американски потпретседател Мајк Пенс мора да сведочи пред големата порота за разговорите кои ги имал со поранешниот американски претседател Доналд Трамп непосредно пред настаните од 6 јануари 2021 година, кога поддржувачите на Трамп упаднаа во Капитол.

Според „Ројтерс“, во пресудата се наведува дека Пенс сепак може да одбие да одговори на прашања за неговите постапки во тој период и дека Пенс има право на жалба на одлуката.

Си-Ен-Ен објави дека пресудата е победа за специјалниот советник Џек Смит, кој претходно оваа година го повика Пенс на сведочење и објавување документи.

Неколку дена по објавувањето на веста за судската покана за Пенс, тој и неговите советници посочија дека поранешниот потпретседател ќе ја оспори поканата според Уставната клаузула за говор или дебата, која ги штити пратениците од одредени дејствија за спроведување на законот поврзани со нивните државни должности.

„Ќе се борам против поканата на министерството за правда на Бајден да се појавам пред големата порота бидејќи верувам дека тоа е неуставно и без преседан“, рече тогаш Пенс.

Тој предложи уставната клаузула да важи и за неговите постапки во 2021 година, што обвинителството го истражува.

Слични содржини