Песков ги негираше нападите врз цивилни објекти во Одеса

од Stefanija Kuzmanovska

Кремљ денеска ги негираше тврдењата дека руски ракети погодиле цивилни објекти во близина на украинското црноморско пристаниште Одеса рано утринава.

Украинските власти објавија дека руски проектили погодиле станбена зграда и две одморалишта и дека во нападот загинале најмалку 18 лица, а десетици се ранети, пренесе „Ројтерс“.

– За време на спроведувањето на специјална воена операција во Украина, руската армија избегнува да погодува цивилни објекти за да биде целосно фокусирана на воени цели и места за обука на платеници – изјави денеска за медиумите портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков.

Тој потсети и на изјавата на рускиот претседател Владимир Путин, кој постојано нагласуваше дека целите на руските операции не се цивилни цели и цивилна инфраструктура, пренесува ТАСС.

– Би сакал уште еднаш да ве потсетам дека претседателот на Русија и врховниот командант неколку пати рекоа дека руската армија не напаѓа цивилни цели или цивилна инфраструктура за време на специјална воена операција. Изведува удари врз воени магацини, индустриски објекти каде се одржува и поправа воената опрема, складишта за муниција и локации каде се стационирани и обучуваат платеници и националистички елементи – рече Песков, коментирајќи ги тврдењата дека руска ракета погодила станбена зграда, наведе Руска агенција.

Слични содржини