Петмина повредени по првата трка со бикови во Памплона

од Stefanija Kuzmanovska

Бикови од половина тон повредија пет лица на овогодинешната прва трка со бикови на фестивалот Сент Фермин во Памплона.

Никој не беше прободен, но неколку ентузијасти паднаа или беа соборени на калдрмата на средновековниот северен град на првата од осумте утрински трки со бикови.

– Едно лице е пренесено во болница поради повреда на ногата, друго се здобило со повреда на главата поради пад, а тинејџер ја повредил раката, изјави портпаролот на Црвениот крст.

Шест бикови се пробиле низ морето од тркачи традиционално облечени во бела облека и црвени марами околу вратот.

Биковите патеката долга 850 метри, која се протега од шталата до градската корида, ја истрчаа за две минути и 35 секунди.

Тие ќе бидат убиени за време на борбите подоцна денеска.

– Биковите се држеа заедно, и така летаа низ патеката, па трката заврши доста брзо, изјави Гордон Мекдоналд, 46-годишен ИТ работник од Глазгов кој учествуваше на трката.

Луѓе од целиот свет се собираат во градот со околу 200.000 жители за да ја тестираат својата храброст и да уживаат во разновидната понуда на фестивалски забави, верски поворки и концерти.

Во 2020 и 2021 година, властите го откажаа овој надалеку познат настан поради пандемијата на коронавирус, што претставува прв пат фестивалот да биде откажан по Шпанската граѓанска војна од 1936-1939 година.

Од 1910 година, шеснаесет луѓе загинале во трки со бикови. Последен пат тоа се случи во 2009 година.

Слични содржини