Петрушевски се пофали дека извојувал „голема победа“ против Заев

„Основниот суд Струмица се прогласи за месно ненадлежен по тужбата поднесена од Заев против мене“, објави пратеникот

од Nikola Popovski
37 прегледи Фото: Фејсбук

Основниот суд Струмица се прогласи за месно ненадлежен по тужбата поднесена од поранешниот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев против пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски, информира самиот Петрушевски на својот профил на Фејсбук.

„Навидум мала, но за мене голема победа против Зоран Заев. Со решение, Основниот суд Струмица се прогласи за месно ненадлежен по тужбата поднесена од Заев против мене. Или поранешниот премиер и претседател на телото за реформи во правосудството, заедно со својот адвокат роднина, навистина немаат поим од правото, или сè уште мислат дека Струмица е нивен личен пашалук, па се обиделе на ваков начин да влијаат врз пресудата.

Како и да е, ваквиот обид на блеферот Заев не помина, а уште помалку успеа во намерата да ме замолчи. Продолжуваме“, нашиша пратеникот Петрушевски.

Поранешниот премиер пред два месеци поднесе тужба против пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и сопственикот на клиниката Жан Митрев. Заев претходно најави дека ќе поднесе тужби ако Петрушевски не му се извини за тврдењата дека заплентетата марихуана била поврзана со фирми блиски до Заев, додека пак екс премиерот го тужи доктор Митрев поради неговите тврдења за преземање на неговата болница.

Според наводите во тужбата поднесена против пратеникот Петрушевски, повод за судската постапка се изјавите на пратеникот од 7-ми февруари годинава во кои тој го обвинува Заев за поврзаност со запленетите 27 тони дрога во земјава, тврдејќи дека експремиерот е дел од струмички наркокартел, а оти лиценците за производство на канабис за медицински цели во времето на владата на СДСМ се доделувале по блискост со владејачката партија.

И во двете тужби, Заев како надомест бара по 500.000 денари.