По блокадите од Унгарија, конечно постигнат договор – Тргнато ветото за заемот за Украина и 20-тиот пакет санкции против Русија

Земјите-членки на ЕУ во четвртокот постигнаа согласност за заем од 90 милијарди евра за Украина и за 20-тиот пакет санкции против Русија, кои досега беа блокирани од Унгарија, соопшти кипарското претседателство

од Кристијан Димков
14 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/EU Debates

Амбасадорите на земјите-членки (Coreper) започнаа писмена постапка за формално усвојување на овие одлуки. Владите на земјите-членки сега треба до утре попладне да ги потврдат двете одлуки.

Двете одлуки – за заемот и за 20-тиот пакет санкции – досега беа блокирани од унгарскиот премиер во заминување Виктор Орбан, кој своето вето го оправдуваше со наводното одложување од страна на Украина во поправката на нафтоводот „Дружба“, преку кој Унгарија се снабдува со руска нафта, а кој беше оштетен кон крајот на јануари при руски напад со дронови во западна Украина. Украина во вторникот објави дека поправката е завршена, по што нафтата повторно потече низ нафтоводот и се очекува да пристигне во Унгарија до утре.

Лидерите на земјите-членки го договорија заемот за Украина на самитот во декември минатата година во Брисел, но Унгарија подоцна го блокираше усвојувањето на измените на буџетската регулатива, за што е потребна едногласност, без која ЕУ не може да се задолжи, бидејќи европскиот буџет служи како гаранција за овој заем.

Две третини од заемот од 90 милијарди евра, односно 60 милијарди, се наменети за воена помош, додека 30 милијарди се предвидени за поддршка на украинскиот буџет со цел да се обезбеди континуирано функционирање на државата и основните јавни услуги.

Со овие средства Украина треба да набавува оружје и опрема произведени во ЕУ, а надвор од Унијата само доколку тие не се достапни во Европа.

Заемот за Украина е одобрен врз основа на механизмот „засилена соработка“, бидејќи не беше можно да се постигне согласност од сите земји-членки. Унгарија, Чешка и Словачка се изземаа и нема да учествуваат во отплатата на каматите.

Лидерите на земјите-членки се одлучија за заедничко задолжување откако не беше постигнат консензус околу користењето на замрзнатиот руски имот за репарациски заем.