Почна протестот пред Влада за осудените за тероризам од 27-ми април

од Nikola Popovski

Пред Владата на С. Македонија започна протестот за поддршка за осудените од 27-ми април, во кој учествува и најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ.

Официјално протестот е организиран од македонски организации од Европа, Канада, САД и Австралија под слоганот „Демократија во Македонија и слобода за уставобранителите!“.

Од протестот до претседателот на Македонија, до Собранието, Владата, до верските заедници во Македонија, до ОН, Советот на Европа, ЕУ, НАТО и ОБСЕ ќе биде испратена Декларација за слобода на лицата, кои се затвор за настаните од 27-ми април.

„Правдата не смее да биде слепа. И еден ден во затвор на неправедно осуден е тежок како година. Македонија не смее да ги заборави своите синови. Слобода за уставобранителите и поддршка на општонародниот протест“, напиша лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на својот фејсбук-профил, со што и јавно го поддржаа протестот.

За настаните во Собранието од 27-ми април, поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, е осуден на затворска казна од 18 години, а полициските началници Митко Пешов, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски  добија затворска казна од 15 години.  Оливер Поповски е осуден на 13 години затворска казна, Мунир Пепиќ на 15 години, Абдуљфета Алими на 7 години, Оливер Радулов на 10 години, Јане Ченто на 15 години, Игор Југ на 12 години, Александар Василевски-Нинџа на 8 години, Никола Митревски-Кољо на 15 години, Младен Додевски на 12 години, Горанче Ангеловски на 12 години, Влатко Трајковски на 15 години и Вилијам Михајловски на 14 години затвор.

Беа обвинети вкупно 33 лица. Тие се гонеа за терористичко загрозување на уставниот поредок. 15 од обвинетите беа амнестирани со Законот за амнестија. Обвинетите во судскиот процес за „27 април“ во текот на постапката ја негираа својата вина.

Слични содржини