Почна трката за наследникот на Меркел во Христијано-демоктатската унија во Германија

Tрката за челната позиција на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) се отвори ширум денес, кога партијата на канцеларката Ангела Меркел одржа клучен конгрес, што може да биде првиот чекор кон изборот на нејзиниот наследник.

1001-те делегати кои присуствуваат на онлајн конвенцијата треба да изберат нов водач на ЦДУ меѓу тројцата кандидати. Во конкуренција се Армин Лашет, премиер на најнаселената германска држава Северна Рајна-Вестфалија, корпоративниот адвокат Фридрих Мерц и експертот за надворешна политика, Норберт Роетген.

Гласањето доаѓа на почетокот на една година која е клучна за германската политика, со националните избори што ќе се одржат во септември. Меркел планира да се повлече на крајот од нејзиниот тековен четврти мандат. Во воведното обраќање пред делегатите во петокот вечерта, канцеларката повика на единство.

„Се надевам дека ќе биде избран тим што ќе ја земе судбината на нашата горда народна партија во свои раце и дека ќе работи со сите членови за да ги најде вистинските одговори за задачите на иднината“, рече Меркел.

Лидерот на ЦДУ традиционално е кандидат за идниот германски канцелар на таа партија и сестринската Баварска христијанска социјална унија (ЦСУ). Но, оваа година, за прв пат, како кандидат за канцелар се споменува и лидерот на таа помала партнерска партија, Маркус Содер, премиерот на Баварија и еден од најпопуларните политичари во Германија. Победникот ќе биде потврден на 22 јануари, откако ќе пристигнат гласовите за преписка, а кандидатот за канцелар треба да биде познат во март.

Слични содржини