Полицијата спречи бегство: Затвореници од „Идризово“ ископале тунел долг 40 метри

од Nikola Popovski

Група затвореници во скопскиот затвор „Идризово“ се спречени да избегаат низ ископан тунел, откри и соопшти Министерството за внатрешни работи.

Според информациите, група од најмалку осум затвореници, осудени за тешки кривични дела, од 10 години до доживотен затвор, имале намера да избегаат од најголемиот македонски затвор преку тунелот.

Се прецизира дека МВР по добиени криминални сознанија дека група од најмалку осум осуденици се подготвувала за бегство од затворот Идризово, извршила криминално-оперативни активности и проверка и информациите и резултатите ги доставила до Управата за извршување санкции.

Управата, се наведува, го проверила местото посочено како потенцијален тунел и нашла „ископан тунел долг околу 40 метри“.

Тунелот за бегство бил „лоциран до објект кој се користел за одлагање на јаглен во правец на заштитната ограда позади која се наоѓа женското одделение, а во непосредна близина на зградата на затвореното одделение на затворот, на длабочина од околу 1 метар, во дијаметар од околу 80 сантиметри, соодветно обезбеден со попречни греди и тули“.

„Во тунелот се пронајдени повеќе пластични корпи на кои се врзани јажиња, а со кои се извлекувала ископаната земја и електричен кабел со сијалица која им служела за осветлување на тунелот“, се наведува во соопштението на МВР, во кое се додава дека во координација со надлежното државно обвинителство се преземаат дополнителни мерки и активности за расветлување на случајот.

Во спречувањето организирано бегство од затворот „Идризово“, се истакнува, во координација со Агенцијата за национална безбедност, учествувале и Бирото за јавна безбедност при МВР и Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал.

Вчера Владата го разреши досегашниот директор на затворот „Идризово“ Шпенд Тахири, а на негово место е назначен Зоран Јовановски.

-За нов в.д. директор е поставен генерал мајор Зоран Јовановски, кој има богата кариера. Тој е именуван на мој предлог. Во текот на својата професионална кариера поминал обуки во полициската академија во Луизијана, организирани од САД, поминал обуки во Франкфурт, Германија, бил на обука организирана од министерството за правда на САД, а поминал и обуки во Северна Ирска, Турција и во Англија. Се работи за врвен професионалец, соопшти премиерот Димитар Ковачевски.

Слични содржини