Политико: Европските војници поднесуваат оставки сега кога му се најпотребни на НАТО

Веќе не се работи толку за регрутирање нови војници во европските земји колку за убедување на постоечките да не дадат оставки, наведува „Политико“

од Бети Божиноска

Францускиот министер за вооружени сили, Себастиен Лекорну, неделава презентираше план за охрабрување на војниците „да не ги соблекуваат униформите“, пишува „Политико“.

Планот беше објавен само неколку дена откако годишниот извештај доставен до германскиот парламент покажа дека околу 1.537 војници ќе го напуштат Бундесверот во 2023 година, со што нивниот број ќе се намали на 181,514.

„Тие разговори сега постојат во сите главни градови, во сите демократии кои имаат професионални армии. На состаноците на НАТО можеме да зборуваме за опремата, но сега зборуваме и за… задржување на војниците“, рече Лекорну во понеделникот, споменувајќи ги Обединетото Кралство и САД.

И додека Европа повторно се вооружува како одговор на војната во Украина, земјите како Хрватска размислуваат да го вратат задолжителниот воен рок. Други пак, како Данска, планираат да го прошират воениот рок и за жените.

Германија го укина регрутирањето во 2011 година, но со тоа што многумина останаа без служба, сега се разговара за повторно воведување некој вид на национален систем на воена служба.

За земјите кои се потпираат на професионалните војски, предизвикот е вооружените сили да се направат привлечни – нешто што е тешко да се направи во време на ниска невработеност, жестока конкуренција од приватниот сектор и широко распространети можности за далечинско работење.

Во Франција, воениот персонал останува во вооружените сили во просек една година помалку отколку порано. Во Обединетото Кралство има годишен недостиг од 1.100 војници – што е еквивалент на два пешадиски баталјони – иако владата ја ангажираше приватната фирма за регрутирање „Капита“.

Парите се важен фактор, наведува „Политико“.

Една од клучите мерки на францускиот план се бонусите со во иднина ќе се зголемат пензиите на денешните војници. Се зголемуваат и платите. Но, проблем остануваат хроничната прекувремена работа, месеците далеку од дома и фактот што многу војници на крај не го користат времето што го имаат според законот за закрепнување.

„Проблемот не е регрутирање, туку задржување, мораме да ги задржиме и семејствата“, истакна адмирал Лиза Франчети, началник за поморски операции на американската морнарица, на конференцијата во Париз претходно годинава.

Францускиот план вклучува и помош за наоѓање сместување, пристап до здравствена заштита и грижа за децата. Паровите кои и двајцата работат во Министерството за вооружени сили, дури и ако едниот е цивил, нема да бидат разделени во случај на преместување.

„Попрво би го намалил регрутирањето и би го подобрил задржувањето отколку да се вклучам во масовно регрутирање каде што бројот на луѓе кои остануваат во војската постојано се намалува“, рече Лекорну.

Во Полска, новата влада најави зголемување на платите за околу 20 отсто во обид да ги задржи војниците. Минималната месечна плата се зголеми од 4.960 злоти (1.150 евра) на 6.000 злоти (1.390 евра). Како одговор на зголемената закана од Русија, полската армија се зголеми од 95.000 војници во 2015 година на 215.000 годинава.

Во Германија, како дел од напорите за зајакнување на националната одбрана, владата сака да ја зголеми големината на своите вооружени сили на 203.000 до почетокот на 2030-тите, но регрутирањето расте бавно. Специјалната комесарка за вооружени сили на Бундестагот, Ева Хогл, рече дека враќањето на некоја форма на регрутација е еден од начините да смени ситуацјата, но дека сè уште не е искористен целиот потенцијал.

Законите донесени минатата година имаат за цел да ги направат условите поатрактивни, вклучително и поголема поддршка за згрижување деца и зголемени пензии. Проблеми нема само со работното време, туку и со основната инфраструктура.

„Кога ги посетувам војниците, веќе не слушам за немање шлемови и панцири – туку шкафчиња“, напиша Хогл во годишниот извештај.

Според неа, поправката на касарните и воените објекти ќе чини околу 50 милијарди евра, што е еднакво на половина од вкупниот специјален фонд што владата го издвои за зголемување на своите воени сили по руската инвазија на Украина пред две години.

Слични содржини