Полските граничари бараат уште илјада војници за контрола на границата со Белорусија

од Nikola Popovski

Полската гранична стража побарала од тамошното Министерство за одбрана да испрати засилување со уште 1.000 војници на границата со Белорусија бидејќи групите мигранти кои се организираат да ја преминат границата на белоруската служба стануваат поагресивни, изјавил денеска полскиот заменик-министер за внатрешни работи Мачеј Воншик.

„Откако беше поставена оградата на границата со Белорусија, зголемена е агресивноста на оние кои се обидуваат да навлезат во Полска. Секој час летаат гранки, шишиња, камења. Илегалните гранични премини се организирани од белоруските служби. Илегалните мигранти се регрутирани од шверцери на луѓе и специјалните служби на Белорусија и Русија во повеќе од 40 земји во светот“, рече Воншик на прес-конференцијата.

Врховниот командант на полската гранична стража, генерал Томаш Прага, ја обвини белоруската гранична служба дека наместо да ја штити границата, станала криминална организација која организира илегална миграција и од неа остварува голем профит.

„Групите се многу агресивни, дејствуваат организирано и се насочени исклучиво од белоруските служби. Од почетокот на годината до денес во Полска се обиделе да влезат 19.000 луѓе. Во текот на цела минатата година помалку од 16.000. Во јули поставивме рекорд кога 4.000 луѓе се обидоа илегално да влезат во Полска“, рекол генералот Прага.

Полска подигна ограда висока 5,5 метри на 186-километарски дел од границата со Белорусија и инсталираше систем за камера и сензор на 206 километри од границата.

Патните гранични премини се затворени до понатамошно известување, а отворени се само железничките гранични премини во Кужњица и Шемајновка, јави државното полско радио.

Поради војната во Украина и зголемените тензии со Белорусија, особено по доаѓањето на руските платеници од групата Вагнер, полската армија постепено ги преместува единиците од западниот дел на земјата кон исток.

Слични содржини