Поп добил забрана за работа: Почнал да гради црква во сопствениот двор, каде што има и ресторан

од Nikola Popovski

Заради непочитување на редот и уредбите на парохиската дејност при уставот на МПЦ-ОА, Струмичката епархија донесе одлука со која му се изрекува забрана за свештенодејство на отец Боро Милчев, против кого ќе биде покрената и дисциплинска одговорност пред Епархискиот црковен суд на Струмичката православна црква, соопштија синоќа од Струмичката Епархија, која ја предводи владиката Наум.

Според епархијата, Милчев своеволно и без благослов вршел најразлични свештенички работи по домови и стопански објекти во струмичко и влегувал во цркви спротивно на волјата на надлежниот архиереј. Чашата ја прелил обидот да изгради црква – дивоградба на својот приватен имот каде што има и ресторан. Општина Ново Село рече дека е покрената постапка за рушење на црквата и се чека одговор од јавното обвинителство. Инаку, свештеникот имал проблеми и со легализација на ресторанот.

Понатаму во соопштението се информираат верниците дека на свештеникот му е изречена забрана за свештенодејство и како што се вели „се додека не се покае и не се врати во послушание на Црквата и не ја прифати одлуката со која е назначен на парохијата која ги опфаќа селата Дукатино и Радичево и каде што единствено има благослов да делува како свештеник“.

„На крајот, наша должност е да ве известиме дека овој човек, иако носи свештеничка облека, не доаѓа во име на Црквата, и не го носи благословот Божји, туку напротив ја разградува Црквата и го соблазнува верниот народ за срам на Црквата, а на штета на својата сопствена душа и лично спасение“, стои на крајот од соопштението на Струмичката епархија при МПЦ-ОА.

Слични содржини