Поради изјави по натпреварот против Њу Орлеанс, на Јокиќ му се заканува казна од НБА лигата

од Stefanija Kuzmanovska

Српскиот кошаркар Никола Јокиќ, заедно со неговиот соиграч Џамал Мареј, би можел да добие голема казна од страна на НБА лигата затоа што го критикуваа судењето по натпреварот помеѓу Денвер и Њу Орлеанс.

Пеликаните го добија тој натпревар, иако Јокиќ забележа трипл-дабл, а на кошаркарите на Денвер им е замерено затоа што јавно зборуваа за судиските критериуми поврзани со слободните фрлања.

Имено, односот во корист на Пеликаните беше 30:10, а тие зедоа дури девет во последните две минути – во моментот кога Денвер поведе со 102: 101.

– Сакате да ми кажете дека Џокер игра натпревар што трае 48 минути и никогаш не оди на линијата за слободни фрлања? Тоа е смешно! Само да кажам нешто друго … Односот во пеналите е 30-10. Во последните четири минути шутираа само пенали, што не е нормално. Можеме да играме одбрана најдобро што можеме, но не можеме да ги браниме слободните фрлања – му рече Мареј на Харисон Винд, новинар на „ДНВР Спортс“.

Јокиќ беше нешто поумерен во интервјуто кое го даде по мечот, но американските медиуми сепак истакнуваат дека тој е близу до казна.

– Значи, тие имаа 30 слободни фрлања? Затоа го загубивме мечот – изјави Србинот кој мечот го заврши со 29 поени, 10 скока и 10 асистенции.

Слични содржини