Поранешниот директор на ЕЛЕМ, Бошковски и двајца вработени осудени на по три години затвор

од Aleksandar Petrovski
 Казна затвор од по три години за поранешниот генерален директор на АД „ЕЛЕМ“ Дејан Бошковски и вработените Методиј Стојменовски и Ненад Ѓорговски одреди денеска Судот, прогласувајќи ги за виновни за злоупотреба на службената положба и овластувањето при набавка на софтверски систем за компанијата.

Бошковски е прогласен за виновен за злоупотреба на службена должност како директор на АД “ЕЛЕМ”, додека Методиј Стојменовски и Ненад Ѓорговски за виновни за злоупотреба на службена положба и овластувања со потпишување и издавање сертификати, со што нанеле штета на ЕЛЕМ во висина од девет милиони денари.

Судот ги задолжува и да ја надоместат штетата од преднајавено имотно правно побарување и тоа Ненад Ѓорговски 20.000 евра, а Методиј Стојменовски 30.000 евра, додека за преднајавената штета од 150.000 евра оштетеното АД ЕЛЕМ се насочува да ги бара во судска постапка.

Осудените, кои треба да ги платат и трошоците за судската постапка и вештачења, имаат прво на жалба на пресудата.

Судот ги ослободи Стојменовски и Ѓорговски по точка еден од обвинението за злоупотреба на службена должност со противзаконска набавка на софтверски систем за потребите на АД „ЕЛЕМ“, со што, како што стоеше во обвинителниот акт, и причиниле имотна штета на компанијата од 450.000 илјади евра.

Судот образложи дека сите тројца се осудуваат на казна затвор прогласувајќи ги за виновни за повеќе кумулативни дејствија од повеќе точки од обвинението, иако според обвинителниот акт јавниот обвинител бараше одделна одговорност за сите точки од обвинението.

Судскиот процес го водеше судијката Софче Гаврилова Ефремова, а застапник на обвинението е Трајче Пеливанов.

Сите обвинети на почетокот на судењето се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.

Случајот го отвори поранешното Специјално јавно обвинителство во 2018 година, за потоа да премине во надлежност на Јавното обвинителство.

Слични содржини