Поранешниот полски МВР: Јас сум политички затвореник и затоа започнав штрајк со глад

од Stefanija Kuzmanovska

Поранешниот министер за внатрешни работи на Полска, Мариуш Камински, кој денеска започна штрајк со глад, откако вчера беше уапсен и префрлен во затвор, изјави дека се одлучил на тој чекор како „политички затвореник“.

„Верувам дека тоа што сум осуден е чин на политичка одмазда. Како политички затвореник, започнав штрајк со глад од првиот ден од затворот“, рече Камински, пренесе „Ројтерс“.

Тој беше уапсен во претседателската палата во Варшава, заедно со неговиот заменик Мациеј Васик.

Полскиот премиер Доналд Туск претходно го обвини претседателот Анджеј Дуда за попречување на правдата, откако Камински и Васик беа видени во претседателската палата.

Неколку недели откако партијата Право и правда дојде на власт во 2015 година, Дуда го помилува Мариуш Камински, кој беше осуден за злоупотреба на политичко влијание, дозволувајќи му да стане министер за внатрешни работи, потсетува „Ројтерс“.

Во постапката пред апелациониот суд беше одлучено случајот повторно да се отвори и во декември минатата година Камински и Васик беа осудени на две години затвор за злоупотреба на политичките овластувања.

Слични содржини