Портпаролката на кинеското МНР: САД го мешаат исправното со погрешното во врска со Тајван

од Stefanija Kuzmanovska

Портпаролката на кинеското министерство за надворешни работи Хуа Чунјинг во четвртокот ги критикуваше изјавите на неименуван претставник на американскиот Стејт департмент за Тајван, велејќи дека тие ја одразуваат типичната американска ароганција и хегемонија, објави „Ксинхуа“.

Според пишувањата на медиумите, споменатиот американски функционер изјавил дека Кина ја користи посетата на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, на Тајван за да го промени статус квото во Тајванскиот теснец.

Американскиот функционер црното го нарече бело и се однесуваше како „крадец кој вика ‘држи го крадецот’“, рече Хуа додека поставуваше неколку прашања до американската страна.

„Прво, каква е статус кво ситуацијата за тајванското прашање“, праша Хуа, додавајќи дека е кристално јасно дека двете страни на Тајванскиот теснец припаѓаат на една иста Кина и дека Тајван е дел од кинеската територија.

„Иако двете страни долго време се политички спротивставени, суверенитетот и територијалниот интегритет на Кина никогаш не биле поделени. Тоа е вистинскиот статус кво на тајванското прашање“, рече Хуа.

Прашање е и кој ја предизвикува кризата во Тајванскиот теснец. Хуа рече дека Соединетите Држави заговарале со сепаратистичките сили за независност на Тајван за да ја испровоцираат Кина и дека тоа е основната причина за тензиите во Тајванскиот теснец, објави „Ксинхуа“.

Во последниве години, Демократската прогресивна партија на Тајван го напушти Консензусот од 1992 година за воспоставување на принципот една Кина и се сврте кон САД за поддршка во барањето независност на Тајван. Во меѓувреме, американската страна, обидувајќи се да ја постигне својата стратешка цел за потиснување на развојот на Кина, континуирано го извртуваше, го замаглуваше и поткопуваше принципот на една Кина, ја зголеми својата размена со Тајван и ја интензивираше продажбата на оружје на Тајван, додава агенцијата.

Хуа рече дека посетата на Пелоси на Тајван е сериозно кршење на американските обврски.

„Кој е одговорен за тензиите во Тајванскиот теснец?“, праша Хуа. Според неа, Кина постојано ја нагласувала сериозноста на посетата на Пелоси на Тајван и јасно ставила до знаење дека САД мора да преземат целосна одговорност за сите можни последици.

Хуа исто така рече дека американската страна прво провоцирала, додека Кина била принудена да дејствува во самоодбрана. Кинеската влада има целосно право да направи се што е потребно за цврсто да го брани суверенитетот и територијалниот интегритет на Кина.

Прашањето е, исто така, кој го менува статус квото за прашањето на Тајван, рече Хуа, додавајќи дека погрешните чекори преземени од САД пред 25 години не претставуваат преседан за одбрана на посетата на Пелоси, а уште помалку служат како изговор за САД да ја повтори својата грешка по прашањето на Тајван.

Кина нема да дозволи САД да продолжат постепено да го рушат, заматуваат и го поткопува принципот на една Кина и никогаш нема да дозволи американската страна постепено да го менува статус квото во Тајванскиот теснец поради која било причина или со какво било оправдување.

За актуелните тензии во Тајванскиот теснец, кои се резултат на посетата на Пелоси на Тајван, САД се целосно одговорни, рече портпаролката, додавајќи дека ако американската страна навистина сака да го одржи мирот и стабилноста во Тајванскиот теснец, најважно е строго да се придржува до принципот на една Кина.

Слични содржини