После 60 години се реновира училиштето „Пецо Даскалот” во Заполжани

од Nikola Popovski

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски, министерката за образование и наука Мила Царовска и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, денескa извршија увид на проектот „Изградба на инфраструктура за социјална инклузија и едукација на деца од рурални подрачја во Пелагонискиот регион” – реконструкција на Основно училиште „Пецо Даскалот” во село Заполжани, Општина Долнени.

Училиштето „Пецо Даскалот” се реновира после 60 години, а за проектот што го спроведува Министерството за локална самоуправа, од страна на Швајцарската агенција за развој и соработка, во прва фаза се издвоени над пет милиони денари, а во втора фаза над еден милион денари.

– Токму тука, 13 деца од оваа учебна година ќе можат да ја следат наставата во нови училишни клупи, со нов прибор, во нови простории комплетно реновирани, саниран кров, како и нови тоалети со воспоставување на нов водовод и канализација, но и пристапни патеки. Преку проектот за изградба на инфраструктура за социјална инклузија и едукација на деца од рурални подрачја во Пелагонискиот регион се обидуваме да ја намалиме миграцијата од село во град. Со овие проекти освен во образованието вложуваме и во здравството, животната средина со цел еднакво општество за сите и во урбаните и во руралните средини, рече министерот за локална самоуправа Горан Милевски.

Министерката за образование и наука Царовска посочи дека со ова како Владата покажува дека води подеднаквата грижа за децата и дека нема пречки да се обезбедат финансии кога се работи за унапредување и развој на квалитетот на образованието. Таа истакна дека секоја паметна држава, вистински инвестира во образованието на децата, со што директно влијае на развојот на економијата.

– Навистина сум среќна што сме во посета на обновеното училиште кое доби целосно нов и современ изглед, а учениците од септември новата учебна година ќе ја стартуваат како што доликува во безбедни и достоинствени услови. Со осовременување на училишните објекти, и обезбедување на современи услови за настава ги задржуваме младите во своите родни места со што придонесуваме за рамномерен развој на целата држава, рече министерката за образование и наука Мила Царовска.

Министерката за одбрана Шекеринска рече дека при разговор со жителите, едно од децата во селото Заполжани и ја кажало неговата неостварена желба училиште да се реновира и така почнало да се размислува за можноста за реконструкција.

– Ова се моментите кога навистина човек е среќен и задоволен што можел некои работи во својата земја, за своите граѓани, за своите блиски да ги направи подобри. Пред нешто повеќе од една година, разговаравме со жителите на ова село, разговаравме со нивните деца, ги слушнавме нивните апели дека сакаат да останат дома, дека сакаат ова село да продолжи да биде живо и активно, меѓутоа за селото да живее, треба децата да одат во пристојно училиште. И, навистина ставот и мој и на моите колеги беше дека апсолутно состојбата на тогашното мало, запуштено, занемнарено училиште е непрефатлива. Меѓутоа, денеска сме тука за да децата го видат своето ново училиште, но и ние да можеме да кажеме дека зборот навистина испаднал збор и дека по нецела веќе година од почетокот на работите на ова училиште, денеска имаме објект кој не можеме да го препознаеме. Тука ќе можат децата да бидат посигурни, ќе може наставата да биде поквалитетна, а ние ќе можеме да кажеме дека го подобруваме животот во секое село и во секоја општина. Со ова покажуваме дека ниту едно село и ниту едно дете не може да биде и не смее да биде заборавено, истакна министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.

На настанот освен министрите присуствуваа и Џемил Ќамили, градоначалник на Општина Долнени кој им честита на децата ново училиште и им посака успешна 2021/2022 учебна година, а директорот на основно училиште Славе Здравкоски среќен што по 60 години училиштето добило нов лик, им се заблагодари на сите институции.

Гого Видимче, директорот на Центарот за развој на Пелагониски плански регион за крај изјави:

– Успешното спроведување на политиката за регионален развој е директно поврзана со поширокото разбирање на овој концепт и обезбедување на потребната поддршка од страна на релевантните институции. Способноста на оваа Влада да ги препознае и детектира проблемите, нивната заложба да се изнајдат финансиски средства за нивно надминување, во случајот подобрување на условите за школување на најмладите од една страна и максималната вклученост на Општина Долнени за обезбедување на потребната проектна документација да се отпочне со реализација на проектот овозможија Центарот за Развој на Пелагонискиот регион да го имплементира овој Проект за реконструкција и опремување на ова основно училиште.

Слични содржини