Постигнато привремено примирје на Блискиот исток: „Прекинот на оган е дипломатски пораз за Иран, но не од стратешки карактер“

од Nikola Popovski
266 прегледи

Стапи во сила привремениот прекин од 60 дена на огнот меѓу Израел и Хезболах. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вели целите се постигнати, а трите главни причини за негово прифаќање се иранската закана, регрупирањето на израелската армија и изолацијата на Хамас, кој ќе биде под уште поголем притисок да ги ослободи заложниците откако ќе ја нема поддршката од Хезболах. Најави дека силно ќе одговорат доколку милитантите се обидат да ги нападнат или да го реорганизираат процесот на обнова на оружјето. „Хезболах повеќе не е ист, значително го ослабевме, го вративме децении назад. Го елиминиравме Хасан Насрала, како и сите нивни водачи. Уништивме голем дел од ракетите, илјадници терористи и подземната инфраструктура во близина на нашите граници. Но, мирот ќе зависи од тоа што ќе се случи. Ако продолжат да копаат тунели и да лансираат ракети, повторно ќе нападнеме“, изјави Нетанјаху.

Светот ја поздравува одлуката, дел од Израелците незадоволни – што сметаат аналитичарите?

Примирјето е резултат на дипломатски напор на Франција и САД и се засновува на резолуцијата на ООН 1701. Според аналитичарот за безбедност Александар Илиев, иако тоа е чекор во насока на прекин на воените дејствија во Либан, сепак ситуацијата е ранлива. Тврди дека клучно е што примирјето создава поволна состојба за стабилизирање на Либан и воспоставување суверенитет врз јужните делови.

Александар Илиев

-Сега пред Либан се појавуваат предизвици поради недостаток на опрема, персонал и финансии за поддршка на операциите на либанската армија од границита со Израел до реката Литани. Истовремено Либан се соочува со економска криза, инфлација и уништена инфраструктура. Затоа, доколку после ова примирје следува и финансиска помош од САД и земјите од ЕУ, тоа може да го стабилизира Либан и да го намали влијанието на Иран и Хезболах, вели Илиев во разговор за „Локално“.

Во однос на тоа дали очекува можеби целосен прекин после изминувањето на 60-те денови, соговорникот  истакнува дека веројатно е значително намалување на воените дејствија на Израел во Либан, но за целосен прекин на големи воени операции клучно е постигнување договор за иднината на Газа.

-Прекинот на огнот се случи бидејќи Хезболах се соочи со загуби на клучни лидери и порази на боиштето, како и со силни критики од населението во Либан заради мешањето во конфликтот во Газа. Сепак, тоа не значи дека договорот ќе биде во потполност почитуван од сите делови на Хезболах. Можно е делови и поединци од Хезболах да не го почитуваат во целост прекинот, а тоа пак да биде проследено со акции на Израелските Одбранбени Сили. Затоа, за смирување на ситуацијата на Блискиот Исток е неопходно да се случи примирје и да се одговори на хуманитарната криза во Газа, објаснува Илиев и додава дека „прекинот на огнот веројатно нема да ја врати претходната состојба во целост“.

Според него, иако во суштина примирјето се засновува на постоечка резолуција на ООН, сепак состојбата остава простор САД, Франција и ЕУ да пружат позначајна и сеопфатна поддршка на Либан со цел стабилизација и намалување на влијанието на Хезболах. Меѓутоа, наведува Илиев, доколку се остави простор Иран може да го искористи прекинот на огнот да подготви нов план за делување и конфликтот да доживее нова ескалација. Оттука, прекинот на оган е дипломатски пораз за Иран, но не од стратешки карактер.

Аналитичарот оценува дека основните прашања не се решени со ова примирје. Објаснува дека Хезболах останува да биде воена и политичка сила и истата нема да е разоружена.

-Внатрешни поделби во Хезболах може да го комплицираат спроведување на договорот и одредени групи на Хезболах да останат јужно од реката Литани. Прашањето за Газа не е решено, хуманитарната состојба е многу лоша, а заложниците не се ослободени. Дополнително, нема приближување на ставовите на Израел и Хамас за иднината на Палестина. Овој исход е политички корисен за Нетанјаху, бидејќи тој со ова покажува дека ги постигнал своите политички цели во Либан, а ХАМАС ќе биде поизолиран. Понатаму, примирјето го намалува ризикот од ескалација на војната, обезбедува стабилизација на Либан, овозможува враќање на цивилите во нивните живеалишта на северот од Израел, а со сигурност заштедува ресурси на Израелските Одбранбени Сили. Оттука, Нетанјаху со политичка победа и повеќе ресурси е во подобра позиција за преговарање за прашања поврзани со Газа, заклучува соговорникот.

Сем Вакнин

За став во однос на новонастаната ситуација го прашавме и Сем Вакнин, израелски аналитичар и поранешен советник во Владата во времето на владењеето на екс-премиерот Никола Груевски. Според него, до ваквата одлука се дојде откако и двете страни беа сериозно оштетени во изминатите 13 месеци и состојбата и за двете страни е неодржлива.

Вакнин во разговор за „Локално“ посочува дека северот на Израел е испразнет од своите граѓани кои сега се внатрешно раселени, а ракетите продолжуваат да паѓаат врз неговите градови и воени објекти.

-Економијата на Израел е во распад. Станува збор за независна држава со нејзиниот лидер обвинет за воени злосторници, анализира соговорникот, додавајќи дека Хезболах е лишен од целото свое раководство и е во целосен хаос.

Тој тврди дека паравоената организација ја губи наклонетоста кај локалното население кое е опустошено од израелските воздухопловни сили и пешадијата.

-И двете страни треба да здивнат и да се прегрупираат. Но, потенцијалот за неизбежно продолжување на непријателствата е многу голем. Иран нема да се двоуми да го користи Хезболах како жив штит наспроти одмаздничките напади на Израел. Хезболах не може долго да го напушти Хамас: неговата причина за постоење е отпорот на израелската окупација. Израел не може да го прифати самото постоење на Хезболах, не е важно колку далеку ги повлекува своите трупи во северен Либан. Војната ќе избие повторно и наскоро, смета Вакнин.

Објаснува дека имаше неколку такви договори и резолуции на ОН во последните три децении, но, никој од нив не беше одржлив.

-Суштинското прашање не може да се реши: мнозинството Палестинци ја сакаат својата земја назад и бараат укинување на државата Израел и протерување на повеќето Израелци. И Хамас и Хезболах, поддржани од Иран, се посветени на овие долгорочни цели.

Израел мора да се брани со воени средства бидејќи алтернативата е изумирање. Решението за две држави е сон. Значи, партиите се осудени на повторливи циклуси на разорно насилство додека едната не ја етнички исчисти другата. Дотогаш нема да има траен мир, заклучува аналитичарот.

САД и Франција-главните посредници на договорот, го поздравија прекинот на огнот. Сметаат дека ќе биде добра основа за спроведување и на примирјето со Хамас во Газа.

„Ова е дизајнирано да биде траен прекин на непријателствата. На тоа што остана од Хезболах нема да му биде дозволено повторно да ја загрози безбедноста на Израел. Во текот на следните 60 дена либанската армија и државните безбедносни сили ќе се распоредат и повторно ќе ја преземат контролата врз сопствената територија, додека Израел постепено ќе ги повлече своите преостанати сили. И цивилите од двете страни наскоро ќе можат безбедно да се вратат во своите заедници“, изјави претседателот на САД, Џо Бајден.

„Овој договор, исто така, мора да го отвори патот за долгоочекуваниот прекин на огнот во Газа, не смееме да заборавиме дека војната таму продолжува, како и нашите напори за ставање крај на непријателствата“, изјави францускиот претседател Емануел Макрон.

Раселените Израелци од северот изразија сомнеж, велат – не се чувствуваат безбедни за да се вратат во своите домови.

„Договорот не ме прави сигурен и не сум подготвен моето семејство да го вратам дома“, изјави Ној Фридман -раселена Израелка од северот.

„Мислам дека не е безбедно да се вратиме во нашите домови, Хезболах е сè уште блиску до нас и остануваме цел на секој нивни проектил“, изјави Маргарет Шемтов – раселена Израелка од северот.

Либанските бегалци, пак, договорот го дочекаа со радост.

„Нашата радост е голема. Крвта сè уште е на земја, но благодарение на оваа крв ќе се вратиме во нашите села и во нашата земја“, изјави Камал ал-Хаџ Али, раселен Либанец.

„Среќни сме што ќе се вратиме во нашата татковина на југот“, изјави Хала Саид – раселена Либанка.

Задоволство за привременото примирје изрази и либанскиот премиер Наџиб Микати, рече дека тоа е фундаментален чекор кон воспоставување смиреност и стабилност во Либан. Непосредно пред договорот да стапи во сила и двете страни разменија оган преку сината линија.

Н.П.

Слични содржини