Претседателот на Белорусија Александар Лукашенко денеска ги предупреди западните соседи и Украина да не преземаат агресија против неговата земја, изјавувајќи дека Минск не сака војна, но ќе се брани со сите расположливи средства.
„Мојата задача е да ги предупредам моите соседи: Естонија, Летонија, Литванија, Полска, можеби во одредена мера и Украина. Не дај Боже да извршат агресија врз Белорусија. Ние не сакаме војна и немаме намера да војуваме со нив“, изјави Лукашенко во интервју за RT.
Тој нагласи дека од територијата на Белорусија не се можни никакви воени операции против Полска и Литванија, доколку земјата не биде вовлечена во конфликт и принудена да одговори. Истовремено, белорускиот претседател истакна дека државата ќе возврати во случај на напад.
„Тоа не значи дека веднаш ќе употребиме нуклеарно оружје ако дојде до конфликт. Имаме доволно други средства за да му се спротивставиме“, изјави тој. Лукашенко додаде дека во случај на закана за опстанокот на државата, во одбрана на Белорусија би се вклучила и Русија, во согласност со меѓудржавниот договор.
„Ако видиме дека е загрозен опстанокот на Белорусија, не само ние, туку и во согласност со нашиот договор со Руската Федерација… нема да им биде воопшто лесно. Ќе употребиме сè што имаме“, порача Лукашенко.
Говорејќи за иднината на НАТО во контекст на политиката на американскиот претседател Доналд Трамп, Лукашенко оцени дека дури и ако Трамп одлучи да ја укине Алијансата, нема да има доволно време тоа да го спроведе.
„Ќе дојдат други луѓе кои ќе го спасуваат НАТО. И Трамп и неговите соработници разбираат дека НАТО не се само боеви глави и пари на САД, туку огромен геополитички столб на САД заедно со сојузниците на евроазискиот континент“, заклучи Лукашенко.