Приватните превозници нема да возат и во наредните денови

од Nikola Popovski

Директорот на „Слобода превоз“ Ленин Јовановски го истакна своето задоволство што денес имале средба со координаторите на советничките групи во Советот на Град Скопје. Тој порача дека присуството на сите претставници од Советот укажа дека советниците се загрижени за проблемот и да ги дознаат аргументите за она што било искажано последните денови на релација приватните превозници-Град Скопје.

-Беа презентирани факти и документи од кои што можеа директно да видат каква е реалната состојба. Бевме сослушани, прашани, одговоривме на сите прашања на советниците и се надевам дека веќе на следната седница на Советот во понеделник, тие преку советнички прашања ќе добијат одговори на се она што ние не можеме да го добиеме. Советот во рамките на градот ќе направи се за надминување на состојбата, рече Јовановски на прес-конференција.

Приватните превозници нема да продолжат да возат, рече Јовановски, се додека не им се исплатат средствата кои им се должат.

-Одлуките за протести на улица и формите ги донесуваат приватните превозници кои се директни чинители. Ќе им пренесеме на координаторите и тие ќе одлучуваат понатаму кои ќе бидат формите на протести во наредниот перидо. Вер уверувам дека нема да вршат превоз се додека не добијат средства за да можат да го вршат превозот, порача директорот на „Слобода превоз“.

Тој истакна дека не присуствувал на денешниот протест пред централата на ЈСП бидејќи, „нашата борба со институциите ќе ја вршиме на начин со средби и претставки и тужби“.

-Советот на Град Скопје треба да добие информација за ваквите состојби. Добија доволно документи и треба да се постапува понатаму како што ќе налагаат новите состојби, нагласи Јовановски.

Слични содржини