ПРОДОЛЖЕН ПРЕКИНОТ НА ОГНОТ: Израел не се откажува од својата цел да го уништи Хамас

од Stefanija Kuzmanovska
190 прегледи

Примирјето меѓу Израел и Хамас беше продолжено утрово и сега се во тек плановите за продолжување на размената на заложниците кои ги држат палестинските екстремисти за Палестинци во израелските затвори и испораката на помош во Појасот Газа, каде се вели дека хуманитарната ситуација е катастрофална.

Единаесет израелски жени и деца ослободени од Хамас влегле во Израел синоќа по нешто повеќе од седум недели во заробеништво, како дел од четвртата размена во рамките на првичното четиридневно примирје кое започна во петокот и требаше да истече утрово, наведе АП.

Палестинските затвореници, од кои 33, ослободени од Израел пристигнаа рано утринава во Источен Ерусалим и градот Рамала на окупираниот Западен Брег.

Продолжувањето на примирјето за два дена го најави Катар, наведувајќи дека тоа е направено со поддршка на САД и Египет, што ги зголеми надежите за дополнително продолжување.

Благодарение на примирјето беа ослободени 50 заложници кои Хамас ги држеше во Газа и 150 палестински затвореници од израелските затвори.

Други 19 заложници, главно странски работници, исто така беа ослободени од Хамас, но надвор од договорот за прекин на огнот, според агенцијата „Франс прес“.

Примирјето беше продолжено од утрово во 7:00 часот до четврток во 7:00 часот и ќе овозможи ослободување на уште 20-тина заложници и 60 палестински затвореници.

Израел, сепак, објави дека не се откажува од својата цел да ги уништи воените капацитети на Хамас и да стави крај на 16-годишното владеење на исламската екстремистичка организација во Газа по нападот на 7 октомври на јужна израелска територија.

Се верува дека Хамас и другите екстремисти сè уште држат до 175 заложници, чија размена потенцијално би можела да го продолжи примирјето за уште две и пол недели.

Меѓу нив има и војници, а според нивните изјави Хамас ќе бара многу повеќе за нив, наведува АП.

Според израелските власти, над 1.200 луѓе, главно цивили, биле убиени во нападите врз Израел.

Израелската армија потоа почна да ја бомбардира Газа и започна копнена офанзива на 27 октомври.

Речиси 15.000 Палестинци загинаа во Газа, вклучително и околу 6.000 деца.

Слични содржини