Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ја информира јавноста дека водејќи се од основните цели на Законот за енергетика за обезбедување на квалитетно снабдување со енергија на потрошувачите и заштита на правата на потрошувачите на енергија ги задолжи ЕСМ Снабдување, ЕСМ Енергетика и Енерџи Еколинк (поранешна Топлана Скопје Север) да продолжат со греење и во следните два дена, на 1-ви и 2-ри мај, иако грејната сезона завршува на 30 април.
Одлуката следува по добиените пет дневни податоци за среднодневната температура на воздухот од Управата за хидрометеоролошки работи, кои покажуваат дека се очекуваат невообичаено ниски температури за овој период од годината.
-Целта е достигнување на високи стандарди во исполнување на јавната услуга снабдување со топлинска енергија за греење, велат од РКЕ.
Времето утре променливо облачно и свежо со сончеви периоди. Во јужните делови ќе има услови за повремен локален дожд. Ќе дува умерен, наместа повремено засилен ветер од северен правец, соопшти УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец.
До недела ќе се задржи променливо облачно и посвежо време со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (над 60 km/h), а утринската температура наместа ќе се спушти под нула степени. Од понеделник следува стабилизирање на времето и пораст на дневната температура.